Хоспитализирани 12 деца по пожарот во Чаир, меѓу нив и петмесечно бебе

Станува збор за деца кои заедно со нивните родители, во обид да го избегнат пожарот и чадот, неколку часа стоеле на кровот на зградата, додека не биле извадени со кран, неколку часа подоцна

-

Дванаесет деца биле примени на Детската клиника утринава околу 7 часот, откако пожар избувна во станбен објект, во подрумските магацински простории на улицата „Прохор Пчински“ во Чаир.

Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди за Мета.мк изјави дека тие се во стабилна состојба, десет веќе се пуштени дома, додека две сè уште се на клиниката. Најмладото имало само 5 месеци, додека најстарото 11 години.

Станува збор за деца кои заедно со нивните родители, во обид да го избегнат пожарот и чадот, неколку часа стоеле на кровот на зградата, додека не биле извадени со кран, неколку часа подоцна.

„Децата на прием беа стабилни. Четири од нив превентивно беа ставени на кислородна поддршка, ги опсервиравме неколку часа, а потоа родителите инсистираа да бидат пуштени. Сепак, добија препораки дека треба да се внимава во наредниве 24 часа, бидејќи станува збор за јаглерод диоксид. Добро е што тие се наоѓале на кровот од зградата, каде што веќе чадот бил многу поразреден. Две деца сè уште се кај нас на опсервација“, изјави Мемеди.

Пожарот е активен и по цели 14 часа. Го гаснеле 7 возила и 20 пожарникари. На лице место денеска околу 13 часот имаше пожарникарни и амбулантни возила, како и полицајци, кои ги спречуваа граѓаните да се доближат до зградата.

Сведочења за пожарот во Чаир: Преноќувавме во своите возила додека чад излегуваше од вентилацијата

 

Конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“

Во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќта на вештерките“, кој традиционално во западните земји се одбележува на 31 октомври, Новинската агенција „Мета.мк“, во соработка со Книжевниот центар „Антолог“, објавува...