Хонда нема да продава бензин и дизел-возила во Европа после 2022 година

Honda Хонда
фото: Toby_Parsons на Pixabay

Јапонскиот производител на автомобили „Хонда“ (Honda Motor Company) има за цел да ги исфрли од продажба моторите со внатрешно согорување од Европа до крајот на 2022 година, потврди потпретседателот на компанијата, Јан Хауелс.

„Хонда“ уште минатата година соопшти дека започнува со електрификација на возилата, со што најави дека ги остава бензин и дизел – моторите во минатото. Овие возила јапонската компанија нема да ги продава во Европа после 2022 година, а засега нема најава дали истите чекори ќе бидат преземени и во САД.

Производителите на автомобили се принудени да ги направат овие промени со додавање на електрифицирани автомобили во новите серии на возила,  бидејќи сè повеќе земји почнуваат да воведуваат построги регулативи за емисии на штетни гасови. Во ноември британската влада објави дека ќе забрани продажба на бензински и дизел-возила до крајот на 2030 година, со што Велика Британија стана првата Г7 (G7)земја која воведува целосна забрана за продажба на ваквите возила. Хибридните возила во земјата, пак, ќе можат да се продаваат до 2035 година. Слични најави, но со различни датуми има и од страна на германските и норвешките власти.

Поради построгите европски регулативи, Хауелс објави дека „новите Хонда автомобили ќе бидат комбинација од целосно електрични и хибридни модели“.

Но, на подолг рок, „Хонда“ ќе се оддалечи и од производството на хибрид возилата. Хауелс додаде дека се свесни за ограничувањата на хибридните модели и затоа од „Хонда“ на хибридната технологија гледаат како на ефикасен начин за премин кон целосна електрификација на возилата.

Сепак, цената на електричните возила е една од причините поради кои Хауелс истите не ги смета за непосредно решение за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

„Тие се за од една третина до 50 отсто поскапи од конвенционалното или хибридното возило“, изјавил Хауелс.

Најавата на Хонда не е изненадување со оглед на тоа што годинава просечните резултати за емисијата на штетни гасови на нејзините возила беа превисоки, што ја принуди компанијата да склучи договор за CO2 со компанијата „Тесла“ (Tesla, Inc.). Хонда е еден од ретките производители на автомобили која заостанува зад конкуренцијата кога станува збор за електрифицираните возила. Нејзината понуда на е-возила е сиромашна, додека „Хјундаи“, „Тојота“, „Фолксваген“, „Џенерал Моторс“, „Киа“ и „Форд“ веќе имаат планови што вклучуваат разновиди електрифицирани возила.

Инаку, производителите на автомобили продале повеќе од 500.000 електрични возила во Европа во текот на 2020 година, што се смета за голем чекор на автомобилската индустрија за оттргнување од фосилните горива.