Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.
Српскиот портал за борба против дезинформациите fakenews.rs пишува за бран лажни вести во Србија за наводно „наметнување на идеологијата на хомосексуализам преку вклучување на учениците во работилници“. Поводот за тоа е повикот од организацијата „Haver Srbija“, која упатила повик до одредени наставници за онлајн разговор со претставници на ЛГБТИ заедницата. Но во овие разговори не учествувале ученици, ниту пак повикот се однесувал на сите наставници, пишува fakenews.rs.
Од Haver Srbija велат дека професорите ги едуцираат за сите форми на дискрминација и не се занимаваат со сексуалноста, ниту ја наметнуваат неколку.
„Ова е една од многуте едукативни работилници со кои се поттикнуваат еднакви права на сите деца, а кои медиумите ги извадија од контекстот“, за fakenews.rs вели Соња Виличиќ, директорка на Haver Srbija.
Во спорните текстови во српските медиуми пишувало за „мејл испратен до училиштата“ и дека со него се повикуваат „наставници, а преку нив и ученици на основните и средните училишта“ за учество во таа работилница, како и дека со тоа „на малолетниците им се наметнува идеологијата на хомосексуализмот“.
„Повикот е испратен исклучиво на наставници со кои претходно сме имале некој вид соработка и кои се на нашата мејлинг листа“, вели Виличиќ, додавајќи дека учениците не можеле да се вклучат во виртуелниот разговор, оти тој бил само за едукаторите и дека тоа може да се види и на скриншотот на мејлот што го објавиле медиумите.