„Очекуваме од новата влада да биде партнер со меѓународната заедница, со Европската Унија и со САД, со земји – долгогодишни партнери на Македонија, во насока на спроведување на потребните реформи за да може да напредува. Да ги реши прашањата со соседите, вклучувајќи ја и Грција“, изјави заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Брајан Хојт Ји, во интервју за босанската редакција на „Гласот на Америка“.

– Ме радува тоа што министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, подаде рака на пријателство до другата страна во Македонија, изразувајќи подготвеност за средби и за разговори во насока на унапредување на односите помеѓу двете земји, што се надеваме ќе доведе до договори кои ќе го одблокираат патот на Македонија кон евроатлантските интеграции – вели Хојт Ји.

Формирањето на новата влада на Македонија, предводена од Зоран Заев, американскиот дипломат го оцени како мошне позитивен чекор и позитивен пример за регионот.

– Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот на Зоран Заев е показател дека демократијата во Македонија е издржлива и цврста. И покрај тоа што имаше тешки моменти, како настаните во Собранието во април, кои беа надминати, и покрај одложувањата и неизвесноста, сега има влада и тоа е мошне позитивен чекор. Воедно ова е и позитивен пример за другиот дел од регионот, за тоа како тешкотиите и политичките кризи можат да се надминат со политичка волја – рече високиот претставник на Стејт департментот.

Тој во интервјуто истакнува дека политиката на САД на Балканот не е променета, бидејќи се „базира на американските интереси за регион што се движи напред, кон интеграција во Европа и нејзините институции, кон подобра клима на инвестиции од европски и од американски бизниси и воопшто – за подобар живот на граѓаните“.