ХКЧП: Неодговорноста на надлежните ја минира инклузијата на децата со попреченост

Photo by Marcus Aurelius, Pexels

Вклучувањето на децата со попреченост во образовниот систем е процес кој се запоставува, нанесувајќи огромна штета на децата и нивните родители. Иако средното образование е задолжително, и оваа учебна година започнува без образовни асистенти во средните училишта, реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП).

За проблемот со необезбедување на образовните асистенти за средношколци „Мета“ пишуваше неодамна, изнесувајќи ги невољите на еден средношколец преку сведоштвото на неговата мајка.

Комитетот потсетува дека соодветните законски измени за соодветна инклузија и обезбедување образовни асистенти ниту се донесени, ниту се знае кога би се усвоиле и стапиле на сила. Дополнително, се вели во реакцијата, недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци кои би имале потреба од образовни асистенти.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повика претставниците на извршната и законодавната власт да ги донесат потребните законски измени, со кои ќе се регулира воведувањето ваква асистенција во средните училишта.

„Со оглед на тоа што учебната година е веќе започната, апелираме да се најде итно решение со кое ќе им се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на законот. Иако неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање на образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а дополнително ги става во нееднаква положба децата од различни општини“.

„Мета“ неодамна ја изнесе голготата на една мајка на средношколец во трета година во Средното фискултурно во Скопје, за кој, поради системските проблеми, не може да се најде образовен асистент.

Мајката се обратила со писмо до Министерството за образование и наука, во кое посочува дека од почетокот на образовниот процес на нејзиниот син, цели 11 години ја поминува истата голгота. Како што вели за Мета.мк, покрај до МОН, писмото го испратила и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, до Владата, и до Хелсиншкиот комитет.

Како што вели таа, нејзиниот тргнува во трета година во Државното училиште за физичка култура „Методи Митевски Брицо“ во Скопје, кое е во групата училишта за кои државата има посебен интерес и, според Стојановска, не е во надлежност на Град Скопје, туку на МОН.

„Повеќе пати се обратив во надлежниот сектор при МОН образложувајќи го проблемот и образложувајќи дека не е надлежен град Скопје туку конкретното министерство (за да не ме препраќаат од една во друга институција), но без успех. Одговорот е дека Законот за средно образование сѐ уште не е донесен“, вели Стојановска во писмото.

Комитетот смета дека меѓународните документи кои се ратификувани и од нашата држава се доволна правна основа за МОН да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес. Политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста која се граничи со нехуманост не смеат и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството.