Револуционерна одлука на шкотските власти: хигиенските производи за сите жени наскоро ќе се делат бесплатно. Шкотскиот парламент се очекува денеска да ја донесе оваа  одлука, со што Шкотска ќе стане првата земја во светот која се одлучи на ваков потег.

Според одлуката, производите, како што се тампони и влошки, ќе бидат бесплатни за сите жени во Шкотска и достапни на одредени јавни места, како што се трговските центри, младинските клубови и аптеките.

Се очекува првото читање на овој закон ќе помине денеска во шкотскиот парламент, јави „Ројтерс“. Предлог законот го поднесе пратеничката Моника Ленон, која за прв пат поднесе ваков сличен нацрт предлог во 2017 година.

Спроведувањето на оваа одлука ќе ја чини државата околу 24,1 милион фунти или 28,84 милиони евра.

„Тоа не се никакви луксузни производи. Тие се навистина неопходни и никој во Шкотска не би требало да биде без производи за месечен циклус“, рече Ленон.

Шкотската влада во 2018 година беше првата во светот која обезбеди бесплатни хигиенски производи во училиштата, факултетите и универзитетите.

Како што веќе објави „Мета.мк“, истражувањето на Институтот за јавно здравје и на „Новинари за човекови права“, покажа дека во Македонија цели 90 отсто од ученичките од руралните средини отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена поради истите причини. Како причини за ова се наведени несоодветните услови за управување со менструалната хигиена на училиште или работно место, како и високата цена на средствата.

Организацијата „Новинари за човекови права“,  со поддршка на амбасадата на Велика Британија го реализираат проектот за менструално здравје во земјава и следејќи ги трендовите во Европа, иницира намалување на данокот на средствата за лична хигиена од 18 на 5 отсто.

Инаку интенција на земјите членки на Европската Унија е да се намалат или укинат даноците за тампоните и влошките. Во Шпанија, Франција и Германија се веќе намалени. Санитарните производи се бесплатни во училиштата во Велика Британија. Во скандинавските држави со години наназад средствата за лична хигиена вклучително и оние за одржување на менструалното здравје, се дел од училиштните тоалети.