Фото: ХЕРА

Само четири Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на нераководни позиции тие се застапени со само 0,47 отсто од вкупниот број на вработени. Иако Шуто Оризари е најголемата општина со ромско население во државата, од вкупно 18 вработени лица во Општината, само 8 се Роми, потенцираат од ХЕРА по повод 8 Април, Меѓународен ден на Ромите, а во врска со  влегувањето на пазарот на труд на Ромките поради долгогодишната системска дискриминација.

„Фрапантен е и податокот дека ниту една Ромка не е вработена во центрите за вработување во државата“, велат од ХЕРА.

Оттаму посочуваат дека во 30 центри за вработување низ државата, само двајца Роми се вработени и тоа на нераководни работни места.

„Од вкупно 7.647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки, што е крајно поразително ако се има предвид фактот дека 4 632, односно 4,6 отсто од регистрираните невработени лица се Ромки“ додаваат од ХЕРА, согласно податоците до кои дојде Групата за застапување за еднакви можности при вработување во текот на 2020 година, истражувајќи го прашањето и застапувајќи пред клучните институции.

Освен овие податоци, според Националниот оперативен план, од вкупниот број на регистрирани невработени Ромки на национално ниво, дури 94,88 проценти се без образование или само со основно образование.

Според организацијата ХЕРА, ваквите фрапантни наоди недвосмислено укажуваат дека се потребни системски решенија за да се унапреди социо-економската положба на Ромките во нашата држава.

Оваа статистика од анализата „Вработена Ромка – силна Ромка“ е добиена врз основа на собрани информации од јавен карактер од вкупно 141 државна институција и дава преглед на состојбата на Ромките на пазарот на трудот преку податоци за застапеноста на Ромките во јавните институции и за искористеноста на мерките и програмите за вработување од страна на Ромките.

Оттука, Групата упатува порака до Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија да започне процес на креирање соодветни мерки за вработување или адаптирање на постоечките во согласност со моменталната состојба и потреби на Ромките, кој ќе се заснова на податоци и предлози кои ќе произлезат од самата заедница. Исто така, да се стави фокус на докомплетирање на образованието и на нудење специфични обуки за Ромките со цел да се оспособат и да стекнат квалификации за побаруваните занимања.

„Да се вработуваат Ромки на клучни раководни позиции заради можноста да креираат и да предлагаат решенија во согласност со спецификите на оваа целна група, особено во областа на вработувањето. Освен ова, да се создадат долгорочни родово-сензитивни пристапи за вработување во секоја институција за да се зголеми учеството на Ромките во јавната администрација“ додаваат оттаму, при што потенцираат дека е неопходно локалните самоуправи во своите акциски планови да предвидат мерки за вработување на Ромките во својата администрација, особено во оние општини каде што постои поголема застапеност на ромското население.

Групата за застапување е составена од Ромки активистки и е формирана во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“ кој го имплементира ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка од шведската фондација „Квина тил Квина“.