Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА, по повод Европската недела на ХИВ тестирање и месецот на машкото здравје, организира бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции. Тестирањето, под мотото „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“, ќе може да се направи од утре до 23 Ноември во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ на Водно.
Од ХЕРА посочуваат дека истражувањата покажуваат дека една од најголемите пречки за справување со ХИВ е доцната дијагноза, затоа превенцијата и раното откривање на ХИВ се клучни.
„Со раното откривање на ХИВ и навремениот третман, целосно се спречува ризикот од понатамошно пренесување на инфекцијата по сексуален начин. Антиретровирусната терапија покрај тоа што им овозможува на лицата со ХИВ да живеат долго и квалитетно, е ефективна превенција на ХИВ, бидејќи го намалува вирусот на недетектибилно ниво, а со тоа оневозможува натамошен пренос“, велат од Асоцијацијата.
Резултатите се доверливи и се добиваат за само 20 минути, а услугите вклучуваат и тестови за други сексуално преносливи инфекции како сифилис, гонореја и кламидија.
„Ноември е месец на грижата за машкото здравје и затоа посебно ги охрабруваме сексуално активните момчиња и мажи да се обратат во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ кој се наоѓа на ул. „Елисие Поповски Марко“ бр.2, од 18 до 23 Ноември секој работен ден од 15 до 18 часот и сабота од 12 до 15часот. Термин за бесплатно тестирање може да се закаже на телефонскиот број 02/ 3176 – 950, или онлајн на https://hera.org.mk/onlajn-zakazuvanje-pregled/, “велат од ХЕРА.