Остро реагираме на измените во програмата за сеопфатно сексуално образование, сега преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“, со кои се отстрануваат или разводнуваат важни содржини за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје. Ова не е само промена на зборови во наставна програма. Ова е одлука што може директно да влијае врз знаењето, здравјето и безбедноста на младите, се вели во реакцијата до медиуми од ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
„Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош кога им е потребна. Што значи ова во секојдневниот живот? Тоа значи дека девојче кое се соочува со контрола, притисок или насилство во врска може потешко да препознае дека таквото однесување не е нормално ниту прифатливо. Дека момче кое расте со пораки дека мора да биде доминантно и агресивно нема доволно можности критички да ги преиспита тие очекувања. Дека младите кои имаат прашања за контрацепцијата и сексуалното здравје ризикуваат одговорите да ги бараат на интернет, меѓу дезинформации и непроверени совети.
Ниту еден од овие ризици не исчезнува ако зборовите се избришат од учебниците“, наведено е во реакцијата на асоцијацијата.
Оттаму потсетуваат на алармантни податоци за ншата земја – дури 10% од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година. Од децата дури 8% биле изложени на сексуални слики, 5% добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4% биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети, а кај 3% такви содржини веќе биле споделени без нивна дозвола.
„Во 78% од случаите сторителот е лице што детето го познава, а 52% од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи како Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp. Во ваква реалност, поразително е што само 19% од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование. Податоците пак за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ“, пишува во соопштението.
Според ХЕРА црквата има право да ги застапува своите верски учења, но нема мандат да ја заменува науката во училниците.
„За наставните програми треба да одлучуваат надлежните институции врз основа на научни докази, педагошка експертиза, јавното здравје и најдобриот интерес на детето, а не под притисок на религиозни или идеолошки групи. Уставот на Северна Македонија ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата. Таа одвоеност мора да биде суштински принцип на јавните политики, а не само формална уставна одредба“, се додава во реакцијата.
