По повод 15 септември, Меѓународниот ден на демократијата, ХЕРА Млади потсетува дека демократијата не е само изборен ден или институција и дека таа има смисла кога младите зборуваат слободно, да учествуваат во одлуките што ги засегаат и да бараат одговорност и промени.
Во видеото што го објави ХЕРА Млади, тие зборуваат за тоа што значи демократијата денес и како современиот начин на информирање и комуникација влијае врз нашите ставови, односи и учество во општеството.
„Сè поголем дел од јавниот живот се одвива во дигиталниот простор, каде алгоритмите влијаат врз тоа што гледаме, што читаме, со кого комуницираме и кому му веруваме. Наместо да нè поврзуваат, тие можат да нè затворат во паралелни светови и да ги продлабочат поделбите. Денеска демократијата е под опасност од таканаречената алгоритмократија. Во алгоритмократијата власта не припаѓа веќе кај луѓето, туку средината е уредена од алгоритмите“, вели Виктор Бучковски од ХЕРА Млади.
Според Ема Мицевска, демократијата бара средба, разговор, различни идеи и можност луѓето заедно да носат одлуки. А тоа започнува од секојдневното учество на младите.
„Денес демократија значи да може да дадете критика, пофалба или едноставно да кажете нешто и тоа да биде слушнато, разбрано и дејствувано“, вели Мицевска.
Младите порачуваат дека младинското учество не смее да биде формалност и дека тие треба да бидат вклучени уште од почетокот во креирањето на законите, политиките и буџетите што го определуваат нивниот живот.
„Од институциите бараме повеќе простор за суштинско младинско учество, образование што развива критичко мислење и медиумска и дигитална писменост, отпорност кон дезинформации и услови младите достоинствено да живеат и да ја гледаат својата иднина тука. Задачата на нашата генерација е да создаде можности за среќавање и простор во кој ќе можеме заедно да градиме подобро општество, обединети, а не како во алгоритмите, секој на своја страна разединети“, вели Виктор.
