Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи со која поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници, а за која извести Мета.мк.

Според една од водечките организации за заштита на човековите права во Република Северна Македонија, твитот на Ќулавкова „Цената на соживотот ја плаќаме со животот.“ имплицира дека причината за ширењето на вирусот се меѓуетничките односи, а не општо распространетото непочитување на мерките.

„Имајќи предвид дека во земјата доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти.  А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет преку официјалното соопштение.

Овие форми на говор на омраза истовремено претставуваат и дезинформации, бидејќи се базираат на селективно толкување случаи и спин, наспроти сеопфатна објективна анализа на статистичките податоци.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат загриженост за кризната состојба од корона вирусот која интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи.

„Во првите недели од почетокот на вонредната состојба, дискриминаторските изјави беа насочени кон заболените од Ковид-19, преку барања за објавување лични податоци, нарушување на правата на пациентите и слични форми на стигматизација. Тензиите предизвикани од рестриктивните мерки постепено се префрлија во сферата на национализмот, за што во голема мера придонесува и фактот што се наоѓаме во предизборен период. За жал, сите апели за солидарност и емпатија во услови на непогода која ги засега сите граѓани, стануваат беспредметни кога на здравствената и економската криза, ќе се надоврзе и криза во меѓуетничките односи,“ потенцираат од Хелсиншки комитет.

Како фактори кои придонесоа за ваквата состојба Хелсиншки ги наведува: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето на говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.

Академик Катица Ќулавкова во меѓувреме, на 7 јули ги затворила своите профили на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, на кои имаше низа содржини за кои добиваше пофалби од екстремни десничарски кругови и медиуми.

Таа не одговорила на прашањето од „360 степени“ од кои причини го сторила тоа, само им ветила дека ќе им прати објаснување по е-пошта, за кое новинарите немаат објавено дека го примиле до моментот на објавување на оваа вест.

Освен високата функција во рамки на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Катица Ќулавкова е носител на низа други општествени позиции. Според нејзината официјална биографија таа била долгогодишен професор на УКИМ, и е почесен претседател на Македонскиот ПЕН Центар.

Како претставничка на Македонскиот ПЕН Центар Ќулавкова од 2008 година е дел и од раководството на Меѓународниот ПЕН, како една од 25 потпретседатели од разни региони на светот, меѓу кои се и нобеловците Светлана Алексеевич, Орхан Памук и Џ. М. Куци, како и писателката Маргарет Атвуд. Меѓународниот ПЕН е организација во чија мисија спаѓаат одбрана на слободата на изразување и „промоција на јазичните права“.

Од Хелсиншкиот комитет укажуваат дека иако праксата покажува дека обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности кои влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразатa. Истовремено, тие апелираат до сите граѓани и општествени чинители да покажат повисока свест и одговорност и да не дозволат ескалација на овие исклучително негативни појави.