Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост го следи засилувањето на говорот на омраза во јавниот простор и на социјалните мрежи во периодот пред локалните избори во Република Северна Македонија. Политичките кампањи и јавните настапи мора да се засноваат на идеи, аргументи и почит кон различностите, а не на пораки што поттикнуваат поделби, нетрпеливост или насилство, се вели во денешната реакција на Хелсиншки испратена до медиумите.
„Говорот на омраза не е израз на демократско право на слободен говор — тој претставува сериозна закана за човековите права, општествената кохезија и демократскиот процес. Посебно е алармантна тенденцијата политички актери и јавни личности да го користат или толерираат овој вид реторика за политичка мобилизација, со што директно се поттикнуваат тензии меѓу различни заедници“, се наведува во соопштението.
Оттаму се осврнуваат на жените кандидатки за градоначалнички и советнички, кои, според нив, се соочуваат со сериозни општествени предизвици, меѓу кои најизразен е говорот на омраза и родово базираното насилство во јавниот простор и на социјалните мрежи.
„Жените кандидатки, многу почесто од мажите, се цел на сексистички и омаловажувачки коментари, навреди и напади врз лична основа, а не врз основа на нивните политички ставови или програми. Ова создава атмосфера на страв и демотивација, која директно ги обесхрабрува жените да се кандидираат и активно да учествуваат во политичкиот живот“, се додава во реакцијата.
Во Хелсиншкиот комитет ги повикуваат политичките партии и кандидати да се воздржат од каква било форма на говор на омраза и да промовираат фер и достоинствена изборна кампања.
„Медиумите, да не пренесуваат или нормализираат изјави кои поттикнуваат омраза, туку одговорно да придонесат кон информирана и конструктивна јавна дебата, а граѓаните активно да пријавуваат случаи на говор на омраза и да не учествуваат во неговото ширење. Изборите не смеат да се претворат во повод за продлабочување на поделбите во општеството. Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој претставува еден од главните фактори што водат до злосторства од омраза. Токму затоа сметаме дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, а надлежните институции да ја санкционираат оваа појава“, се вели во реакцијата.
