Фото: Хелсиншки комитет за човекови права

Во месец мај забележано е повторно зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми, што е директен резултат на релаксирањето на заштитните мерки и укинувањето на полицискиот час, покажува последниот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Слично како за март и април, Хелсиншкиот комитет за човекови права продолжи да евидентира голем број пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми, односно вкупно 105 верификувани пријави за мај“ се вели во извештајот.

Од Хелсиншки комитет посочуваат дека реакциите на социјалните медиуми, слично како и за април 2020 година, се однесуваат на очекувањата за прекин на полицискиот час, изјавите на верските лидери и одржувањето верски обреди (литијата во Струга, како и верскиот празник Рамазан Бајрам), но и зголемениот број на новозаразени кон крајот на месецот.

„Најголем број од пријавите (или 67 % од вкупниот број на верификувани пријави), слично како во март и април, повторно се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и политичка припадност. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија помеѓу поддржувачи на партиите на власта и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата, особено расправата околу можниот датум за одржување на предвремени парламентарни избори“, велат од Хелсиншки.

Од почетокот на кризата во март 2020 година, Хелсиншкиот комитет редовно спроведува мониторинг на мерките на Владата, нивно спроведување и директното влијание врз граѓаните.

Во мај до Комитетот биле пријавени 20 случаи на прекршувања на работничките права кои опфатија 218 работници.

„За разлика од почетокот на кризната состојба, кога Хелсиншкиот комитет регистрираше 60 случаи во март и 85 случаи во април, ова претставува значително намалување по подолг период. Сепак, како и минатиот месец, во текот на мај регистриравме противзаконски откази, намалени и/или неисплатени плати и принудно спогодбено раскинување на договорите за вработување“, стои во извештајот.