Хелсиншки комитет: Забраните за невакцинираните не се дискриминација ниту се противуставни

Фото: mhc.org.mk

Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) реагираше со загриженост на изјавите и пораките упатени на вчерашните протести против вакцинацијата и мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Оттаму порачуваат дека одредени рестрикции за оние што ќе одбијат да се вакцинираат не може да се наречат дискриминација или кршење на уставните права оти во случајот станува збор за уставно регулирани должности.

Комитетот секогаш го поддржува правото на протест и слободно изразување на мислењето, но истовремено, секогаш треба да биде присутна свеста дека граѓаните, покрај уставно гарантираните права, имаат и уставно регулирани должности. Во таа насока, потсетуваме на членот 39 од Уставот на Р.С Македонија, според кој граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите. Токму затоа, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права, порачува ХКЧП.

Иако, велат од Хелсиншкиот комитет, рестриктивните мерки кои се составен дел од справувањето со здравствената криза, го ограничија правото на движење, а задираат и во други човекови права, „со оглед на фактот дека пандемијата може да се стави под контрола само преку висока стапка на имунизација и со почитување на здравствените протоколи, апелираме на повисока граѓанска свест и одговорност кон овие прашања“.

Во соопштението се вели дека на вчерашните протести можеа да се слушнат и прочитаат дезинформации и теории на заговор, што зборува за потребата граѓаните да се информираат од релавантни извори.

За жал, како што можевме да видиме и на вчерашните протести во неколку градови низ државата, паралелната пандемија на лажни вести и дезинформации претставува голема опасност која го минира справувањето со најголемата здравствена криза на нашето време. Апелираме до граѓаните да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор. Истовремено, ги повикуваме сите општествени чинители присутни во јавниот живот, да бидат свесни за потребата од одговорен и рационален пристап во борбата со пандемијата и да не ги охрабруваат ваквите наративи, кои не само што се на штета на јавното здравје, туку водат и до понатамошна општествена поларизација, што е особено опасно при криза од вакви размери, порачува Хелсиншки комитет.

Од таму стаса и осуда за навредите и омаловажувањата упатени кон лекарите.