Фото: Порталб.мк

По однос на протестот за случајот „Монструм“ кој се одржа пред две недели, а каде беа повредени медиумски работници и полицајци, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Северна Македонија бара Основното јавно обвинителство во координација со Министерството за внатрешни работи, да го пронајдат и приведат секој кој го прекршил законот, без разлика дали се работи за насилен учесник на протестот или активен профил на социјалните мрежи кој шири меѓуетничка омраза.

По комплетирање на доказите, против овие лица треба да се покренат обвиненија пред надлежните судови затоа што овие конкретни физички лица се вршители на насилствата и поттикнувачи на меѓуетничката омраза, а не целите етнички заедници, смета Комитетот.

Исто така, од Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи, бараат да отвори интерни постапки за испитување на поведението на полициските службеници, кои, видно од снимките од протестот, ги пречекориле своите овластувања, затоа што кон мирните учесници на протестот употребиле непропорционална сила.

„Потребно е испитување на поведението на полициските службеници кои ги спречиле присутните новинари на протестот слободно и објективно да информираат, имајќи го предвид фактот дека бил вршен притисок врз конкретни новинари да се избрише снимениот материјал. Детално да се истражат сите напади на новинари и лица кои известувале за протестот без разлика од кого се нападнати, да се лоцираат извршителите и да се покренат обвиненија кон одговорните лица“ потенцираат од Хелсиншкиот комитет.

Правниците сметаат дека сето ова е неопходно, за да се пренесе пораката дека сите идни прекршувања на законите нема да поминат неказнето. Според нив, неказнивоста ги мотивира и дел од учесниците на протестот да се однесуваат како хулигани, но мотивира и дел од полициските службеници, од заштитници на јавниот ред и мир, да преминат во насилници што ги пречекоруваат законските надлежности.

Основното јавно обвинителство Скопје на 5 март до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог и предложи продолжување на мерката притвор против шестемина учесници на протестите во врска со пресудата за предметот „Монструм“, за кои претходно беше поведена постапка и беше им определена мерка притвор. За истото кривично дело поднесен е обвинителен предлог и против уште едно лице, за кое обвинителството на судот денеска му предложи да определи мерка притвор, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.