Хелсиншкиот комитет за човекови права информираше дека во текот на март 2020, регистрирале 110 случаи за говор на омраза, што е за 100 проценти повеќе за истиот временски период лани.

„Најголем број од регистрираните случаи се однесуваат на ситуацијата со пандемијата со вирусот Ковид-19, воведувањето на вонредна ситуација од страна на Претседателот на Република Северна Македонија и со тоа полициски час, како и реакција на јавноста поврзана со мерките кои се преземаат од страна на Владата. Најмногу дигитален сообраќај и со тоа реакции на социјалните медиуми е забележан по завршувањето на официјалните прес-конференции на министерот за здравство во име на Кризниот штаб“ – соопштуваат од Комитетот.

Најголем број од пријавите, 72 проценти се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и политичка припадност. Додека пак, 18 проценти се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет.

„Високиот број на некарактеристични пријави се должи на прогласувањето на вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија и разменување на негативен тон помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата (и од здравствен и од економски агол)“ – велат од Хелсиншки.

Тие ги повикуваат граѓаните да пријават говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.