Состојбата со бегалците во прифатно-транзитните кампови „Винојуг“ и „Табановце“ во текот на минатиот месец останала непроменета и во овие кампови вкупниот број на бегалци изнесувал 29 лица, се наведува во последниот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Хелсиншки информираат дека бројот на бегалци во кампот „Винојуг“ кај Гевгелија е мал, а намалена е и фреквенцијата на движење на бегалци кои се фатени по илегални патишта надвор од кампот.

„Бројот на бегалци во кампот константно изнесува девет лица, меѓу кои со потекло од Авганистан, Ирак и од Сирија. Неколку од бегалците имаат почнато постапки за семејно обединување. Кујната која функционираше во кампот е официјално затворена. Должноста за делење храна е преземена од Црвениот крст. Инфраструктурни промени во кампот не се забележани. Хигиената е на задоволително ниво“, стои во извештајот.

Оттаму додаваат дека продолжува практиката на нелегално „депортирање“ на бегалци кои се фатени по илегални патишта низ Македонија назад во Грција. Во текот на мај 2017 година, вкупно 24 бегалци со потекло од различни земји, во шест одделни случаи биле фатени од полицијата по илегални патишта и „депортирани“ во Грција.

Состојбата во кампот „Табановце“ на северната граница, според извештајот на Хелсиншкиот комитет е полоша, особено во однос на условите за престој на бегалците, кои се вкупно 20 лица.

„Во текот на мај е забележано значително влошување на квалитетот на храната. Поплаките на бегалците се дека храната е недоволна и со лош квалитет. Истовремено, воспоставено е и ограничување на пристапот до вода за пиење, односно бегалците имаат право да добијат едно шише вода од половина литар на ден. Лошиот квалитет и недостигот од храна не се променети и покрај почнувањето на рамазанските пости“, стои во извештајот на Хелсиншкиот комитет, кој апелира да се подобри квалитетот на храна, која ќе ги задоволи сите нутриционистички стандарди, како и да се обезбеди пристап до неограничено количество вода.