Heat Check – Стигнав до половина милион претплатници правејќи видеа од истата соба каде и спијам

Ако она што ќе го кажете допре до гледачот, тоа вреди неизмерно повеќе од било каква камера или микрофон, вели Стефан / фото: лична архива

“What’s up everybody, my name is Stefan and this is Heat Check, let’s get into it”. Со оваа реченица Стефан од Аеродром ги започнува своите Јутјуб видеа посветени на НБА кошарката. Неговата пасија кон најпопуларната кошаркарска лига во светот се претворила во снимање видеа на оваа тематика и денес тоа е неговата единствена работа.

Стефан Нанев е сопственик на Јутјуб каналот Heat Check, каде на англиски јазик снима и објавува видеа посветени на Националната кошаркарска асоцијација на САД. Неговиот канал е еден од топ 5 најпознати Јутјуб канали од земјава и брои повеќе од 432 илјади следбеници, луѓе од целиот свет кои ја споделуваат истата љубов и интерес за НБА.

„Пресреќен сум што можам да кажам дека гледањето НБА кошарка и снимањето видеа на таа тема се единствена моја работа, иако ова е за мене повеќе како задоволство“, вели Стефан во разговорот со Мета.мк.

Тој следи НБА од кога знае за себе, а легнува и се буди по американска временска зона повеќе од една деценија. Откако сфатил дека не се пронаоѓа во студиите по економија, фокусот го насочува кон гледање туторијали, учење на видео едитинг и работа на интернет.

Heat Check
фото: Heat Check на Јутјуб

Приказната за Heat Check започнува во август 2017 година. Секој сака кога ќе научи нешто ново, вели тој, па гледачите одлично го прифатиле овој тип на видеа и каналот почнал бргу да расте.

„По девет години работа на видеа за клиенти, сакав нов предизвик – да креирам за себе наместо за други. НБА беше совршена тематика за ова. Така се роди Heat Check. На почетокот правев видеа од најразлични типови: вести за лигата, компилации од потези на играчи и слично. Но, највеќе ми легнаа аналитички видеа каде објаснувам што точно се случува на теренот, со помош на анотации и цртање на екранот. Нешто слично на она што го прават тренерите на нивните таблички на тајм аут. Тоа беше убав начин за мене да влезам подлабоко во кошарката и воедно да му ја доближам и објаснам играта на просечниот кошаркарски фан “, вели Нанев.

Стафан Нанев Heat Check
„Моите мисли ги преточувам во видео и на некои луѓе им се допаѓа што имам да кажам па ме гледаат“, вели Стефан / фото: лична архива

Го појаснува и името на каналот, кое исто така потекнува од кошаркарскиот терен.

„Кога размислував за име, се потсетив на најубавото чувство за мене кога играм кошарка. А тоа е адреналинот и самодовербата после неколку погодени шутеви по ред. Ние на терените велиме ‘ми оди’ и после два-три коша ќе шутнеме некој нерезонски или тежок шут. НБА жаргонот за ова е heat check каде играчот ‘проверува колку е навистина жешка неговата рака’ со секој нареден шут. Дефинитивно најубавото чувство“, вели Нанев.

За да се стигне до видеото како краен продукт, тој прво започнува со собирање на инфромации, преглед на статистики и видеа кои би биле анализирани. Сè што забележува го запишува во еден вид на сценарио за видеото и за ова вели дека е најдолгиот, но и најважниот дел од целиот процес за изработка на квалитетно видео. После три години работење сам, неодамна решил да влезе во потрага по соработници.

Повеќето објавени видеа се со времетраење во просек по околу четири минути, но изработката на едно вакво видео му одзема од шест до десет часа. Во нив тој се обраќа на англиски јазик, а тоа, тврди, ја отвора можноста видеата да допрат до поширока публика, до луѓе низ целиот свет. Додава дека е задоволен од заработката од Јутјуб каналот.

„Видеата се гледани во САД, но на изненадување на сите, исто толку прегледи доаѓаат и од Филипините, каде луѓето се неверојатни фанатици кога станува збор за НБА. Иако претплатниците се на некој начин приказ за големината и релевантноста на еден канал, не се заработува од таа бројка, туку од самите прегледи на видеата. Поточно од рекламите на истите. Среќен сум што заработувам доволно за да не мора друга работа да ми одзема време и можам целосно да се посветам на мојата пасија. И за мене тоа е сè што ми треба“, додава Нанев.

На прашањето дали креирањето на квалитетни видеа бара посериозен финансиски влог за опремата за снимање, вели дека многу поважна од опремата е самата приказна која се раскажува во видеото.

„Ако она што ќе го кажете допре до гледачот, тоа вреди неизмерно повеќе од било каква камера или микрофон. Секојдневно налетувам на видеа со милионски прегледи снимани со мобилен телефон. Опремата се надградува со тек на време во согласност со буџетот. Јас лично како огромен фан на технологијата и на таканаречените гаџети никогаш не го гледав ова како финансиски удар или некој сериозен влог и со задоволство голем дел од заработката го реинвестирам во нова опрема“, објаснува Стефан.

Стефан Нанев
Стефан Нанев / фото: лична архива

Тој соработува со други слични креатори, па досега гостувал на кошаркарски канали на неколку јутјубери во САД и Филипините. На младите кои размислуваат за креирање содржини за надворешна публика им порачува да започнат веднаш и воопшто да не се мислат.

„Јас потрошив релативно долго време од желба, до започнување. И покрај мојот прогрес на платформата, често се прашувам колку понапред би бил доколку почнев веднаш. Не ја правете таа грешка! Не се двоумете и не бидете строги за нивото на вашиот англиски јазик – сè ќе си дојде со тек на време. Веќе спомнав дека воопшто не е битна опремата, ниту пак локацијата. Стигнав скоро до половина милион претплатници правејќи видеа од истата соба каде и спијам“, советува Стефан.

Вели дека најважно е секој да се пронајде во нешто што го сака и што би го правел бесплатно.

„Тогаш сите непреспани ноќи и целиот труд нема да ви претставува никаков проблем, а растот и заработката на Јутјуб ќе дојдат брзо“, завршува Нанев.