Лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, кој вчера беше уапсен на љубљанскиот аеродром, е пуштен од притвор по сослушвањето пред истражен судија во Крањ, пренесуваат медиумите.
Сепак, Харадинај, мора да остане во Словенија додека не се разјасни дали меѓународната потерница по него сè уште е активна или не, изјавил државниот обвинител, Маринка Јерај.
Меѓународната потерница по него е распишана од српските власти во 2006 година.
Хашкиот суд го ослободи Харадинај од одговорност по обвиненијата за воени злосторства над албански, српски и над ромски цивили во логорот на ОВК на Јабланица во 1998 година.
Конечната ослободителна пресуда е донесена во ноември 2012 година.