Авганистанци што чекаат да ја напуштат земјата трчаат околу воен авион на САД на аеродромот во Кабул. Фото: Скриншот од видео на Би-Би-Си, 16 август 2021

На аеродромот во Кабул има голем метеж со стотици Авганистанци на и околу пистите, кои се надеваат дека ќе успеат да се качат на некои од авионите, воени или цивилни, што би полетале по воените авиони со кои се врши евакуација на персонал на амбасади и на некои организации, јави Би-Би-Си.

Медиумот објави видео со десетици мажи што трчаат по американски воен транспортен авион што се обидува да полета.

Би-Би-Си пренесува и наводи од сведоци кои велат дека најмалку тројца цивили ги загубиле животите во хаосот на аеродромот и дека не се знае дали биле засетрелани или настрадале во стампедо.

Во моментот од аеродромот во главниот град на Авганистан се врши евакуација со воени авиони, откако вчера претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата а Талибанците и најавија дека ќе ја преземат целата власт, односно повторно ќе го контролираат Авганистан 20 години откако беше соборен нивниот исламистички режим.

Во Кабул, според Малик Мудасир, новинар на Би-Би-Си, атмосферата е посмирена од вчера, кога луѓето без избезумени. Талибанците сега во главниот град го контролираат сообраќајот и вршат претрес на возила, посебно оние што припаѓале на авганистанските војска и полиција.

Иако сообраќајот е намален во однос на претходните денови и многу продавници се затворени, сепак има многу луѓе што одат пеш. Новинарот на Би-би-си дури видел и две жени со заштитни маски и со шамии, кои очигледно биле изигнорирани од талибанските патроли.

Сепак, атмосферата е тивка и никаде не се слуша музика.

Пред главната капија на аеродромот стојат тешко вооружени Талибанци, што пукаат во воздух за да ги растераат толпите Авганистанци што сакаат да влезат во аеродромот, со надеж дека ќе избегаат од земјата.