fbpx

Хаос и некоординираност и по шест дена од поплавите во Стајковци

-

Шест дена по катастрофалните поплави во Стајковци се уште владее хаос и безредие. Не се знае кој помага, кој дава храна и кога граѓаните да очекуваат механизација која ќе им помогне во исфрлањето на шутот од нивните домови. Дури на самото место се гледа дека што она што се пишува по социјалните мрежи е многу поблиску до реалноста отколку сликата што ја презентираат медиумите.

Почетната станица за сите жители на селото, дворот на основното училиште „Свети Кирил и Методиј“, каде што е сместен тактичко-оперативниот штаб на војската и местото каде што се собираат донациите, уште во 10 часот утринава беше преполн со граѓани кои молеа за помош.

Некој бараше работници, некој вода, а други, пак, некаква храна. Војниците кои стоеја на влезот на дворот од училиштето не ги пропуштаа граѓаните да влезат внатре, а жителите кои бараа храна ги упатуваа на неколкуте хартиени вреќи кои беа оставени пред вратата.

– Еве тука има леб, земете. Наскоро треба да стигне камион со уште храна – рече војникот.

poplava-stajkovci

На неколку места пред училиштето имаше десетици граѓани кои чекаа некој да ги координира и да ги однесе до некоја од куќите каде што треба да се работи.

Две девојчиња Александра и Наташа, кои во Стајковци пристигнале со еден од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, наменет за волонтери, можеби половина час чекаа да се врати жената која побарала помош за нејзина пријателка. Како што дознавме веќе пет дена никој не и понудил помош.

– Ни рече да дојдеме да помогнеме, но потоа не остави тука да ја почекаме додека оди да најде мажи, кои ќе можеле да ја работат тешката работа – рекоа девојчињата.

На друга страна постар човек бараше волонтерите да му помогнат во расчистувањето на калта.

Група од десетина волонтери во кои имаше активисти на „Шарената револуција“ и извидници рекоа дека веќе неколку дена помагаат да се исчистат улиците каде што граѓаните се најмногу загрозени. Велат дека ниту едно официјално лице не ги организирало и мораат сами да бараат каде најмногу треба да се помага.

Голем број од жителите на селото се жалат дека помош добиваат оние на кои им е најмалку потребна.

– Ние што работиме немаме време за чекање, кој има време тој и чека – вели жител на селото.

Организацијата на волонтерите и на делењето помош во механизација во Стајковци е на најниско можно ниво. Оние куќи каде што се уште се работи и се вади кал и распадната покуќнина велат дека по неколку дена морале сами да се организираат, затоа што никој од државата не дошол да праша дали имаат некаква потреба.

– Ете го маж ми седи на улица и ги моли луѓето кои раководат со багерите да дојдат и да ни помогнат да го изнесеме сметот од двор, но тие му рекле дека мора да добијат наредба. Деца, другари на ќерка ми дојдоа да ни помогнат. Целиот смет од подрумот, каде што ни беше сместена кујната и дневната соба го изнесоа тие, но џабе е додека некој не го изнесе со багер од нашиот двор – вели Ристовска Славица.

poplava-stajkovci

Таа вели дека хуманитарната помош не се распределува правилно и според потребата на граѓаните. Објаснува дека некои од соседите, храната која ја земале од пунктот ја носеле со колички, додека други не успевале да добијат ниту вода.

– Треба да има некој кој ќе помине по куќите, ќе види кој од што има потреба и ќе му даде. Јас немам време да одам и да чекам неколку часа пред школото, куќата ми е во хаос, целиот живот распаднат. Со секој поминат час, состојбата е покатастрофална, калта, теписите и мебелот кои беа поплавени и сега се во двор, веќе почнаа да мирисаат. Се шират бактерии. Јасно ми е дека не сме само ние поплавени и дека има и други, но треба да има некоја екипа која ќе поминува низ куќите и ќе види каде најмногу е потребна помош –  вели таа.

Ист став имаат и волонтерите кои веќе неколку дена доаѓаат и им помаат на мештаните. Велат дека организацијата е никаква и секој се снаоѓа како може.

Главната улица на селото е проодна, но од двете страни може да се види насобрано кал, тиња и отпад. Сите селани како го изнесуваат отпадот од своите дворишта, го истовараат по страните на улицата. Каналот кој треба да служи за одведување на атмосферските води е целиот затрупан со песок и со отпад.

Војниците кои во огромен број ги има во селото, ниту еднаш не ги видовме со лопата да им помагаат на жителите. Дел од нив го регулираа сообраќајот пред дворот на училиштето, дел зборуваа на мобилен телефон, а другите парадираа по улиците низ селото.

Орце Велковски, кој живее подалеку од училиштето, исто како и Славица, вели дека се што средил до сега го направил со помош на своите пријатели и колеги. Тој вели дека уште првиот ден кога војската дошла во селото им пришол и ги прашал „пријатели ќе работиме ли?“ на што тие му одговориле дека се тука само за критични ситуаци.

– Уште од тој момент знаев дека ако сакаме да си ги средиме домовите, мора сами да се организираме. Еве багерот е на мој пријател, а тракторот мој. Никој не дојде да ни понуди помош за чистење. Два или три пати ни донесоа храна. Гледам дека соседите одат кај училиштето и земаат храна и вода, но јас не можам. Имаме премногу работа. Тие што одат кај школото се оние кои не се загрозени и имаат време да чекаат – вели Велковски.

Најоштетените домови и граѓани во Стајковци се наоѓаат на крајот на селото, веднаш до обиколницата. Првата помош таму, велат дека стигнала дури денеска. Калта и нивото на водата се како поплавите да се случиле вчера. На оваа улица граѓаните не спијат во своите домови, поплавени се не само подрумите и гаражите, туку целите куќи. Уништена им е целата покуќнина.

poplava-stajkovci

Тие раскажуваат дека првиот багер на нивната улица дошол вчера, но само делумно ја тргнал тињата од улицата и ја префрлил на страната. Како и на сите граѓани, и на овие жители им помагаат волонтерите кои сами се организирале. Велат од институциите засега нема никаква помош. Еден од волонтерите кој работи во Македонска опера и балет, ни рече дека на истата локација биле и вчера, но улицата воопшто не била проодна.

– Организацијата за помош е катастрофа. Четири дена никој не не посети, а ова беше најкритичното место. Ние бевме први на удар на водата која надоаѓаше од обиколницата. Се ни е поплавено, но еве некако се снаоѓаме да исчистиме. Ни помагаат роднини и пријатели. Не можеме д спиеме тука, не можеме ни да се вратиме кога ова ќе заврши, не е безбедно и не е здраво тука – вели Гордана Петреска.

Таа вели дека убаво би било надлежните да ја посетат нивната куќа, затоа што тука ќе го видат одводниот канал за автопатот.

Жителите на оваа улица ни рекоа дека денеска дошла и комисија која треба да направи увид на штетите, но засега немаат никакви други повратни информации.

Членовите на групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“ преку која се организираат најголем број на волонтери, утре организира настан за заедничко расчистување на теренот.

Настанот може да се види на „Фејсбук“, насловен како „Заедничка ударна акција за расчистување на теренот на сите критични точки. “

„Потребно е сите граѓани да започнат да доаѓаат на зборното место „Веро Центар“ („Веро Џамбо“) од 8 часот наутро, по што организирано и координирано ќе се упатуваат на критичните точки, според утврдена листа на степенот на алармантност на ситуацијата на теренот. Превозот ќе поаѓа по исполнувањето на капацитет на секое возило (автобус, минибус или комбе). Расчистувањето ќе трае најдоцна до 19 часот, поради потребната видливост на теренот“, пишува во објаснувањето за настанот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...