Претседателот на државата Ѓорге Иванов утре, во 9 часот, ќе се сретне со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан, соопштија од кабинетот на Иванов.
Средбата ќе се одржи во претседателската резиденција на Водно.
Еврокомесарот синоќа допатува во Скопје, а денеска учествуваше на шестиот министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на регионалната соработка во областа на енергетиката.
Тој пред конференцијата имаше средба со премиерот во оставка, Емил Димитриев, а попладнево ќе се сретне со лидерите на политичките партии кои на изборите на 11 декември добија пратенички мандати во Собранието.
По завршувањето на конференцијата, а во пресрет на средбите со политичките лидери, Хан изјави дека дошол да ги слушне ставовите на лидерите на политички партии, но не и да им дава насоки и препораки што да одлучат, во контекст на актуелните прашања за формирање на новата влада.