„Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна, морам да кажам дека последните избори, како и неколку претходно во земјата и во регионот, беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан при неговиот говор во Атланскиот совет во Вашингтон.
Еврокомесарот побара опозицијата да се врати во Собранието за да може да се спроведе препорачаното од Европската комисија.
– Има голем скандал што никој не може да го игнорира. Има 22.000 снимки. Да не зборувам за содржината, што е нешто друго. Ние сме на мислење дека треба да има двонасочно реакција на ова. Една е политичката, и затоа бараме опозицијата да се врати во Собранието, и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин, преку дебата во Собранието, да има истражни комисии и така натаму. Но, ова, исто така, е криминален случај и со него треба да има справување врз основа на меѓународните и европските стандарди. Затоа понудивме и ова, исто така, беше прифатено од партнерите, да се вклучат меѓународни експерти кои се справуваат со вакви прашања. И сите страни се согласија да ги прифатат и да ги спроведат сите препораки дадени од Европската комисија, особено кога станува збор за владеењето на правото и за независноста на судството. И за да се анализира, но и да се спроведе ова, потребно ни е време и затоа се согласивме за избори во пролет идната година, иако некои сакаа да има избори порано – изјави Хан.
Спорд него, во 2005 година Македонија добила кандидатски статус како за земја можна членка на ЕУ, а во 2008 година ветување за приклучување кон НАТО. Двете работи не се случиле и сега се гледаат последиците.
– Тоа сега е неопходно и тоа е причината зошто јас се вклучив, чувствувајќи и морална обврска, но, исто така, и бидејќи не се работи само за земјата, туку и за регионот. Не треба да се потценуваат политичките последици ако оваа земја не функционира со оглед на етничките тензии и елементи. Затоа имаме голем интерес да го решиме ова. За да се одржи, барем, европската перспектива, земјата треба да се справи со домашните несовршености и проблеми. Сега имаме многу сериозна внатрешна криза и, се надевам, со договорот од минатиот вторник, направивме огромен чекор напред. Затоа што им понудивме, ако сакате, морков, но истовремено и стап, да ги разгледаме подрачјата во земјата од фундаментално значење, како веќе да имаме почнати преговори со нив. Во Европската унија имаме поглавја 23 и 24, по кои преговараме со идните можни земји-членки. Овие две поглавја се однесуваат на владеењето на правото, на слободата на медиумите, на независноста на судството и така натаму. Ние ќе ја примениме оваа методологија и истовремено ќе ги подготвуваме новите избори како што се договоривме, за да има фер, транспаретни и разумни избори. Се надевам дека ова ќе придонесе за да се стабилизира земјата и ќе ја врати на европската и на евроатланската перспективa – изјави Хан.