Хан до Заев: Продолжете да работите демократски на започнатите реформи

Продолжете да работите демократски на започнатите реформи, тоа што ќе го постигнете е важно за перспективите на вашата држава и за целиот регион, порачал еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан на средбата со премиерот Зоран Заев, во рамките на 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Хан ги оценил иницијативите на Владата за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во Европската Унија и во НАТО.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека Владата е активно фокусирана на реализацијата на планот „3-6-9“ и на активностите потребни за остварување на евроатлантските цели на државата.

– Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме извештајот на експертот од ЕУ, Рајнхард Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од планот на којшто веќе работиме. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори – рекол Заев на средбата со Хан, стои во соопштението од владината прес-служба.

На средбата, како што се додава, Заев и Хан разговарале и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори.

По едночасовната средба со Хан, премиерот присуствувал на вечерата која за лидерите на Западен Балкан ја организираше високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.