Брисел би требало да го прифати договорот меѓу Србите и Албанците со кој би се решил долгогодишниот проблем со Косово, изјави европскиот комесар Јоханес Хан, пренесе „Еуроактив“.

– Се работи за билатерално решение што не може да се користи како пример за други прашања – изјави тој во Виена.

Во анализата на „Еуроактив“ се наведува дека намерата на комесарот Хан е со таа изјава да отфрли стравувања дека какво било менување на граници на Балканот може да покрене нови проблеми во тој регион.

Белград и Приштина мораат да ги нормализираат односите за да се квалификуваат за членство во ЕУ, а оној момент кога ќе се постигне договор, тој би требало да биде почитуван од страна на сите членки на Унијата, додал Хан.

Постигнувањето на договорот во дијалогот Белград – Приштина со кој посредува ЕУ, Хан го опишал како „геополитичка неопходност“ и потсетил на обврската ЕУ да се грижи за европските држави не препуштајќи таква улога на трети држави во светот.