Хамас во вторникот врати уште четири тела на израелски заложници како дел од мировниот договор постигнат минатата недела, откако Израел се закани дека ќе ја преполови хуманитарната помош за Газа поради наводно прекршување на договорот од страна на милитантната група, јави Ројтерс.

Израелската армија соопшти дека добила четири ковчези преку Меѓународниот Црвен крст на договорен пункт во северна Газа. Ковчезите, во придружба на војската, биле пренесени преку границата и се испратени на форензичка идентификација.

Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, на Фејсбук напиша дека „моментално се надгледува спроведувањето на договорот за предавање на телата, како дел од мировниот план за прекин на војната во Газа“.

Израелските власти соопштија дека поради непочитување на договорот од страна на Хамас, почнувајќи од среда, ќе дозволат само половина од претходно договорените хуманитарни камиони да влезат во Газа. Исто така, е одложено отворањето на јужниот премин кон Египет, кој требаше да овозможи евакуација на ранетите.

Израелската офанзива што трае речиси две години остави голем дел од Газа во урнатини. Повеќе од половина милион луѓе страдаат од глад, а за да се задоволат основните потреби, според проценките, би биле потребни најмалку 600 камиони помош дневно.

Хамас, кој ја презеде контролата врз Газа уште во 2007 година, повторно воспоставува присуство на улиците по делумното повлекување на израелските сили. Во понеделникот вечерта, на интернет се појави видео во кое борци на Хамас изведуваат седум мажи со врзани раце на плоштад во градот Газа и ги егзекутираат пред очите на очевидци.

Извор од Хамас за Ројтерс потврди дека видеото е автентично и дека борци на групата се одговорни за егзекуциите. Според нив, тие биле обвинети за соработка со Израел.

Палестински безбедносни извори додаваат дека во последните денови десетици лица загинале во судири помеѓу Хамас и ривалски групи во енклавата.

Во одвоен инцидент, израелски дронови убиле петмина Палестинци додека се обидувале да проверат оштетени куќи во предградие источно од градот Газа. Во напад близу Кан Јунис, еден човек бил убиен, а друг ранет.

Израелската војска соопшти дека нападнала лица кои ја преминале линијата на примирје и се доближиле до израелски позиции, игнорирајќи ги предупредувањата да се повлечат.

Американскиот претседател Доналд Трамп, со остар тон, изјави дека Хамас мора да се разоружа, или тоа ќе биде направено „брзо и можеби насилно“.

„Ако не се разоружаат, ние ќе ги разоружаме. И тоа ќе се случи брзо“, рече тој од Белата куќа, еден ден по обраќањето пред Кнесетот во Ерусалим, каде го најави „историското раѓање на новиот Блиски Исток“.

Претходно Израел и Хамас ја направија размената на 20 живи израелски заложници за речиси 2.000 палестински затвореници. Вратени се осум тела на починати заложници, а се смета дека има уште најмалку 19. Едно лице сè уште се води како исчезнато.

Според властите на Хамас, од почетокот на војната во октомври 2023 година, загинале најмалку 67.000 луѓе, со илјадници исчезнати.