Сите 20 преостанати живи израелски заложници беа ослободени од Хамас по повеќе од две години во заробеништво во Газа, пренесува „Гардијан“.
Родителите повторно се соединија со своите деца, откако заложниците беа предадени на Црвениот крст и потоа, со помош на израелската армија, конечно се вратија кај своите семејства.
Дури и пред нивното ослободување, Хамас им дозволи на некои од заложниците во понеделникот наутро да остварат видео-повици со своите блиски.
Емоционални снимки беа споделени преку израелските телевизии до околу 65.000 луѓе собрани пред големите екрани на „Плоштадот на заложниците“ во Тел Авив и до милиони други кои го следеа преносот од своите домови.
Во соопштение, семејството на Омри Миран (48), кој беше киднапиран пред очите на својата сопруга и двете деца за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година во кибуцот Нахал Оз, изјави дека неговото враќање претставува „победа за целиот народ“.
Две години демонстранти го окупираа плоштадот, кој се наоѓа спроти седиштето на израелската војска, и одржуваа митинзи со барање заложниците да бидат вратени од Газа. Стотици луѓе беа таму од раните утрински часови денеска, а десетици илјади други им се придружија, гледајќи директен пренос на настаните на големи екрани поставени од двете страни на плоштадот.
