Хакирана веб-страницата на Министерството за животна средина: ги нема црвените листи на загрозени видови

На Денот на биолошката разновидност, 22 Мај, јавноста нема увид во листите на загрозените видови, бидејќи веб-страницата на Министерството за животна средина веќе неколку месеци не функционира

Фото: МЕД

Балканскиот рис е најзагрозениот вид во македонската фауна и сè уште постои опасност од негово исчезнување. Се проценува дека од овој подвид на евроазискиот рис, кај нас има од 35 до 40 единки. По неколку има и во Косово и во Албанија, што значи дека целокупната популација на оваа дива мачка се сведува на педесетина единки.

Балканскиот рис одамна се наоѓа на црвените листи на загрозени животни. Тука се и белоглавиот и египетскиот мршојадец, мечките, повеќе растенија, водоземци, влекачи… Земјава, согласно со методологија на IUCN имаше изготвени Национални црвени листи за приоритетни габи, крупни ѕверови, како и црвени листи за сите видови водоземци и влечеуги, а направени се и проценки на 14 видови васкуларни растенија, кои имаат меѓународно и национално значење.

Сепак, на Денот на биолошката разновидност, 22 Мај, јавноста нема увид во листите на загрозените видови, дали се дополнети, обновени или не. Веб-страницата на Министерството за животна средина веќе неколку месеци не функционира, а објаснувањето од оваа институција е дека бил направен недозволен упад.

„Поради хакерски упад на веб страницата дел од содржините, меѓу кои и Националните црвени листи не се достапни на јавноста. Во моментот се работи на решавање на проблемот, се прават напори истите да се обезбедат и зачуваат и се очекува во текот на идната недела веб страницата да биде комплетно функционална“, информираат од Министерството.

Во 2018 година беше донесена Националната стратегија за биодиверзитет со Акционен План (2018-2023) и Националната стратегија за природа со Акционен План (2017-2027). Од Министерството велат дека и покрај тоа што диверзитетот на флората и фауната сѐ уште не е целосно проучен, сепак, според Националната стратегија за биолошка разновидност на национално ниво утврдени се 2.095 алгални таксони, над 2.000 видови габи, 450 вида лишаи, над 500 таксони на мовови, 3500 видови од флората, 85 видови риби, 14 водоземци, 32 видови на влекачи, 334 птици и 85 видови на цицачи.

Според овие податоци, проценета е сто отсто од популацијата на водоземците и влекачите, но само 5, 9 отсто од популацијата на цицачите, 3,2 отсто од габите и само 0,4 отсто од растенијата.

Од Македонското еколошко друштво велат дека во 2021 година на иницијатива на Министерство за животна средина е направена детална проценка според критериумите на Светската унија за заштита на природата IUCN, за состојбата на околу 15 растенија, повеќе водоземци и влекачи, триесетина видови фунги и пет цицачи од редот на месојадни животни, балканскиот рис, мечката, волкот и чакалот и видрата.

„Ние сме на почеток со составувањето на Црвените листи. Направен е исчекор во однос на флората и фунгите, предничат податоците и за влекачите и водоземците, но кога се работи за цицачите, особено крупните, сметам дека треба почесто да се прават регионални, отколку национални листи, бидејќи така ќе се добијат порелевантни бројки“, вели Диме Меловски од МЕД.

Тој посочува дека националната проценка на состојбата со крупните месојадни животни, меѓу кои и најзагрозениот, балканскиот рис, треба да се земе со резерва бидејќи ние сме мала територија во однос на тоа колку простор бараат овие видови за обезбедување здрава и витална популација. Меловски вели дека токму затоа и IUCN дозволува да се прават три типа на проценка, глобална, регионална и национална.

„Повеќе држави во регионот, на пример Србија и Хрватска, имаат направено цели книги со црвени листи, на пример за птици, за пеперутки и слично. Во земјава процесот е почнат и мислам дека сме на добар пат сме да процениме дел од нашето природно богатство“, вели Меловски.