Фото: Мета.мк

Иновативните идеи на младите победници на дата хакатоните, организирани од Фондацијата Метаморфозис во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, како и во други иницијативи во регионот, го докажаа својот голем потенцијал на денешната панел дискусија посветена на темата „Што може да се направи со отворени податоци?“, која што се одржа во рамките на Меѓународната конференција за отворени податоци.

Младите програмери и бизнисмени пред публиката, која покажа исклучително внимание, ги презентираа своите проекти кои ги создале со обработка на јавни податоци со цел, како што кажа Тања Мараш, експертка за дигитална поврзаност од Советот за регионална соработка, да овозможуваат слободен проток на податоци за да се постигне уникатна врска меѓу јавниот и приватниот сектор во регионот.

Меѓу проектите со кои јавноста се запознаа беше проектот на Новица Наков, претставник на Дисиндо, кој со видео ги презентираше можностите за мапирање на општинските буџети.

Неговата пробна верзија на интерактивната мапа, како што објасни, го олеснува пристапот и начинот на кој може да се прегледуваат и обработуваат општинските буџети. На овој начин, според Наков, толкувањето на буџетските кодови се поедноставува и е поразбирливо и за новинарите, но и за секој што има потреба да дојде до некоја информација. Дополнително, преку апликацијата може да се изберат различни интерактивни прикази и визуелизации, графикони кои може да се користат за презентации. Исто така, има табели за приходи и расходи кои може да се анализираат на различни начини, а бидејќи содржи и архивирани податоци за сите или за одредени општини, може да се прават и анализи за споредби на одредени временски периоди.

Али Авзај за време на својата презентација на апликацијата, која е во развојна фаза а има цел да обработи податоци за средните училишта, рече дека во текот на обработката на податоците било изненадувачки колку многу казина се наоѓаат во непосредна близина на училиштата.

Тој нагласи дека еден од проблемите со кои се соочиле при изработка на апликацијата, чија намена треба да им користи на учениците и родителите при избор на најдобро училиште, е дека многу од училиштата немале објавено ниту точни адреси.

Уште еден проблем кој се појавил при работата, а успеале да го решат со помош на Метаморфозис, бил и недостатокот на подетални информации за училиштата, па морале да го надминат со пополнување на прашалник.

Симеон Марковски од Дата Граберс, го презентираше неговото дигитално решение за апликација која ги мапира сите аптеки и медицински установи и ги споредува цените на лековите. Според неговите очекувања апликацијата би требало да стане функционална наскоро.

„Ние сме во процес на усовршување и собравме околу 17.000 производи. Ако некој корисник сака да купи одреден производ од некоја аптека на мапата ќе може да види на која далечина е аптеката, а ќе може да ги види и цените. Така корисниците може да го најдат најевтиниот производ кој би бил сортиран на одреден алгоритам“, рече Марковски.

Тој рече дека очекува во иднина преку апликацијата да се идентификуваат и здравствените услуги, што за надлежните институции би било корисно за да ги идентификуваат и здравствените услуги кои недостасуваат во одредени региони.

Марковски изрази надеж дека кога оваа дигитална алатка ќе стане функционала ќе биде и мотивација аптеките да станат поопштествено одговорни и често да ги ажурираат и обновуваат податоците со цени за лековите за да бидат јавно достапни.

Со иновативна еко идеа се претстави Ненад Јовановски од Бифрост, Србија. Тој го презентираше неговото решение за производство на био пластика од индустриски коноп.

„Ова не е само софверско решение, има голема позадина. Нашето решение се роди во самиот почеток на корона кризата кога добивме опрема за да печатиме 3Д заштитни маски за медицинскиот персонал и бидејќи доаѓаме од организација која е еко френдли се обидовме да создадеме еко решение да се намали употребата на пластика“ рече Јовановски.

Тој објасни дека работи на проект за производство на кутии за амбалажа за храна и дека досегашните резултати од тестирањата покажале дека неговиот производ е 100% разградлив.

„Сметаме дека овој материјал може да ги промени правилата на игра затоа што голем број земји ја забрануваат и ќе ја забранат употребата на пластика“ рече Јовановски.

Тој додаде дека за софтверското решение се потребни многу податоци, треба да се обезбеди заштитен интелектуален патент. А, тој и неговите соработници морале да ги дизајнираат и машините за изработка на кутиите.

Сепак, како што кажа Јовановски, за целиот процес е потребно да се подготви многу документација.

„Ние бевме прва земја која размислуваше на проширување на бизнис идејата и во Македонија бидејќи има квалитетни и вредни партнери и произведувачи на индустриски коноп. Сакаме да се прошириме и во другите земји од регионот“ рече Јовановски.

Санела Пајазитовиќ, креаторка на апликацијата Покупи од Црна Гора, раскажа дека се инспирирала преку нејзините пријатели од странство кои често кога доаѓале на аеродромот во Подгорица и не знаеле како да си викнат такси.

„Црна Гора која е туристичка земја немаше апликација како туристите да си викнат такси преку апликација и беа приморани да се возат со возачи кои се претставуваат како таксисти“, рече Санела.

Нејзината апликација сега функционира на четири јазици и ќе се унапреди и за лица со посебни потреби, но и таа се соочила со бројни проблеми за да ја создаде.

„Истражувањата моравме да ги работиме сами. Бидејќи се многу скапи и многу од нив мора да се сработат со лични разговори за да се видат потребите на индустријата“ рече Пајазитовиќ.

Таа истакна дека за да ја активира апликацијата морала, иако има ИТ компанија да регистрира и диспечерска компанија за да ги исполни законските рамки за работа.

Исто така, таа нагласи дека се соочиле и со недостаток на култура за плаќање со картички кај таксистите и такси компаните.

„Во такси индустријата можеби се работи и за страв од новите технологии, и префрлање на нов начин на услуги, но и сивата економија е исто така проблем на кој наидовме“, рече Пајазитовиќ.

По презентациите следеа голем број позитивни реакции и желба од публиката овие апликации, вклучително и апликацијата на Симеон Марковски, да се вткаат во поголеми апликации како Смарт Ситис, затоа што би биле многу корисни не само за локалното население туку и за странските посетители. А, доколку се покаже интерес за кристење на апликацијата и Агенцијата за лекови би можела законски да ги обврзе аптеките транспарентно да ги објавуват цените на лековите.

Исто така, на изненадување на панелистите, тие од претседателот на Меѓународната федерација на бизнисмени и инвеститори за Македонија и балканскиот регион, Махмуд Елколали, добија понуда да добијат едногодишна бесплатна реклама за да можат една од нивните продукти да ги понудат на продажба во Египет и Емиратите.

Дискусијата исто така ја истакна важноста од организирање хакатони. Според панелистите, тие се главната врата за чекор кон промоција на иновативните бизнис идеи на младите.

„Првиот чекор е нај тешкиот чекор и кога имате група луѓе кои се тука да ви помогнат во овие први чекори е многу важно за остварување на целта“, заклучија учесниците на дискусијата.