Хакатон по повод Меѓународниот ден на младите се одржа вчера во Музејот на современа уметност

фото: Агенција за млади и спорт

По повод 12 август, Меѓународниот ден на млади, Агенцијата за млади и спорт заедно со Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, Националниот младински совет на Македонија и Сојузот за младинска работа одржаа настан во Музејот на современа уметност во Скопје, кој вклучи голем број на млади лица кои работеа на хакатон.

Целта на хакатонот била развивање на идеи и поттикнување на иницијативи кај младите, кои потоа имаа задача да ги презентираат истите. Покрај тоа, поставени беа и штандови за организации на млади кои ги информираа младите лица за можностите кои им се нудат.

Среќен сум што можам да кажам дека институциите покажаа слух и најголем дел од нив веќе имаат Службеник за млади, вели директорот на АМС, Наумче Мојсовски.

„Добрата комуникација со младите ја одржуваме и преку Младинските центри со кои заеднички креираме проекти и политики кои се од интерес на младите луѓе. Младите луѓе имаат знаење, имаат вештини, креативност и тие ја заслужуваат шансата да имаат и простор тоа нивно знаење да го презентираат, а со него и да придонесат за развој на нашето општество“, изјави Мојсовски.

Директорот на НАЕОПМ, Марко Ѓоргиевски, порача дека кога станува збор креирање нови можности, Агенцијата и програмата Еразмус+ се насочени кон поддршка на младите. Ако им се даде шанса за вистински напредок и сопствен развој, многу млади потенцијали ќе придонесат и за развој на општеството, а на тој начин бенефитот ќе биде и индивидуален и општествен.

„Програмата Еразмус+ нуди бројни можности за младите. Ние како Национална агенција за европски образовни програми и мобилност го овозможуваме сето тоа и сме максимално посветени да понудиме повеќе можности за сите и заедно да креираме подобро утре“, изјави Ѓоргиевски.

Со нивните иновации и нивната креативност, младите сериозно влијаат врз политиките и одлуките кои се однесуваат на нив.

Директорката на НМСМ, Марија Крстевска, порача дека Националниот младински совет „ќе продолжи да работи на промовирање и застапување на правата на младите и обезбедување на подобри услови за нив“.

Од Сојузот за младинска работа порачаа дека развојот на иновации е многу значаен за младинската работа да биде во тек со трендовите и новите потреби на младите лица.

„Истражувањата покажуваат дека со поддршка од младинските организации и младинските работници, самите млади можат да бидат носители на процесите за креирање нови алатки, методи и пристапи за зајакнување на учеството на младите и развојот на нивните компетенции. Токму затоа обезбедувањето на институционална поддршка и средства за пилотирање на иновативни идеи директно од страна на младите луѓе е одличен пример за поддршка на младинскиот активизам“, истакна Драган Атанасов, директор на Сојузот за младинска работа.