Движењето за чист воздух, граѓанска иницијатива за борба против загадувањето за утре симболично во 12 часот и 5 минути најави блокада на скопската Цементарница „Титан Усје“ во знак на протест поради сомневањата дека овој индустриски комплекс го загадува скопскиот воздух, а притоа загадувањето не се мониторира соодветно од страна на надлежните државни органи.
„Министерството од 2016 година ги чува во фиока ЕУ директивите кои се однесуваат на емисиите кои потекнуваат од индустријата, поточно директивите IED и WI“, се вели во соопштението до јавноста, објавено е на фејсбук страницата на Движењето, кое е дел и од групацијата граѓански еколошки здруженија наречени „Зелен фронт“.
„Најавата за блокада е целосно неоснована и нелогична и нема ниту минимално да ги подобри состојбите со амбиенталниот воздух во нашиот град. УСЈЕ не е причинител за состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје и одговорно тврдиме дека ваквата блокада ќе значи само дефокусирање од вистинските проблеми. Ние сме отворена компанија и транспарентно зборуваме за сите наши активности“, стои, меѓу другото, во писмената реакција од Цементарницата, како одговор на прашањето на „Мета.мк“.
Во реакцијата се наведува дека мониторингот e 24-часовен, 365 дена во годината и во овој момент е независен и автоматски.
„Ние сме само корисници на опремата, а и сите контролни мерења укажуваат на фактот дека состојбите со амбиенталниот воздух не се поврзани со работата на УСЈЕ.. За жал, против Цементрница УСЈЕ се води хајка врз основа на целосно невистинити информации, па дури се оди подалеку, со објавување на лажни фотографии кои воопшто не се од УСЈЕ“, велат од управата на Цементарницата, најавувајќи постапки против лица за ширењето на дезинформации и создавањето паника и страв.
Скопската Цементарница изминативе месеци беше на тапет во јавноста откако се дозна дека таа за гориво во своите технолошки процеси користи и отпад, таканречено РДФ гориво, кое го увезува од странство. Но, за разлика од останатите еко-здруженија, како О2 Иницијативата кои инсистираат на итно усвојување на измените на Законот за постапување со отпад, предложени од ДОМ во Собранието и забрана за увоз на отпад, „Движењето за чист воздух“ фокусот го става на потребата од квалитетен и засилен мониторинг на индустријата, конретно, на скопската Цементарница.
Сепак, увозот на отпад и начинот на кој тој се третира и натаму останува предмет на интерес на пошироката јавност, која нема доверба во тоа како инспекциските служби контролираат што се прави со увезениот отпад. Од најбројната пратеничка група во Парламентот, онаа на СДСМ, во петокот побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја врати на дневен ред точката со предложените измени, поднесени од ДОМ и најавија дека ќе ја поддржат забраната за увоз на отпад како гориво.
Ставот на пратеничката група на СДСМ е во спротивност со ставот на Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина, кој е против идејата за целосна забрана за увозот на отпад.
„Ова не е решение, ова е само популизам. Работите не може да ги решите само со забрана, туку со мониторирање, регулирање“, смета Макрадули.