Пред четири дена, односно во вторникот угинала гуската од скопската зоолошка градина, покажува документот од наодот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, до кој дојде Мета.мк. Ова значи дека периодот на инкубација на вирусот, кој трае од 3 до 5 дена е веќе поминат и неизвесно е дали и колку птици се заразиле во овој период, особено кога станува збор за гулаби, чавки и сл.
Во овие четири дена, Зоолошката градина Скопје работеше непречено и беше отворена за посетители.
Според наодот, птицата угинала на 14 октомври, а на обдукција била однесена наредниот ден, на 15 октомври.
Од Факултетот за ветеринарна медицина за Мета.мк велат дека во дописот од Зоолошката градина доставен до нив не било наведено што да се испита, а со оглед на тоа што не станувало за помор, се одело според протокол, односно прво било направена обдукција, а потоа биле направени базични испитувања, но на микробиолошките и паразитарни испитувања не се утврдиле причини за угинувањето. Потоа следувала молекуларна идентификација, a потоа следувало утврдување дека станува збор за птичји грип, за високо патоген сој.
Вчера, на 18 октомври резултатот бил испратен до Зоолошката градина и до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспектори од АХВ утринава веднаш влегле во зоолошката градина, каде што беа усмртени 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата.
Случајот доби и пошироки димензии, кога Зоолошката градина во Скопје испрати соопштение до јавноста со снимени вознемирувачки видеа од усмртувањето на птиците (кои инспекторите полуживи ги фрлаат во канта за ѓубре), а во соопштението не се спомнуваше ништо околу птичјиот грип, туку дека „целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затварање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“.
„Од изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк“, стоеше во соопштението, во кое се најавува кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во ЗОО Скопје.
Од АХВ соопштија дека скопската Зоолошка градина ќе биде затворена 21 ден. Наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.
Што е птичји грип?
Птичјиот грип циркулира меѓу дивите птици, како што се патките, гуските и крајбрежните птици. Подтипот H5N1 и е многу заразен меѓу птиците, а дивите птици лесно можат да го пренесат вирусот на домашната живина, како што се кокошките и патките. Додека некои видови птици може да го носат и шират вирусот без да покажуваат симптоми, други може да доживеат тешка болест и високи стапки на смртност.
Освен тоа што е високо заразна меѓу живината, вирусите на Авијарна Инфлуенца лесно се пренесува од одгледувалиште до одгледувалиште преку движење на домашните птици и луѓето (преку контаминирани чевли и облека), контаминирани возила, опрема, храна и кафези.
Период на инкубација на болеста е 3 до 5 дена.
Високо патоген вирус може да преживее долги периоди во животната средина, особено на ниски температури. На пример, на високо патоген Х5Н1 вирус може да опстане во измет од птици најмалку 35 дена при ниска температура (4ºC). На повисока температура (37ºC), Х5Н1 вирусот во фекални примероци преживува шест дена.
Случаите на пренесување на овој вирус кај луѓето се ретки, односно тоа може да се случи преку близок контакт со заразени птици или нивните средини. Вирусите на грип, подложени на мутација, можат да патуваат од нивните оригинални домаќини – во овој случај, птиците – до луѓето. Преносот може да се случи преку различни средства, како што е вдишување на вирусни честички во воздухот или преку контакт со контаминирани површини.
Епидемиологот Драган Даниловски на својот Фејсбук профил напиша дека нема потреба од паника кај граѓаните за овој случај и порача да бидат спокојни.
„Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици. Мерките што АХВ ги има преземено денес (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца“, напиша тој.
Даниловски тврди дека практично, под ризик да се заразат се исклучиво птиците и ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.
„Нема овде работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центрите за јавно здравје, освен ако има заболени граѓани. А за тоа ризиците се минимални. Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо“, пишува Даниловски.
Тој додава дека преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.
„Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Стапката на смртност од инфекција со H5N1 кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен. Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали“, заклучува Даниловски.
Зоолошката градина ќе биде затворена 21 ден по откривањето на птичји грип, усмртени се над 30 птици