Гугл објави дека повеќе нема да се исплаќаат пари на креаторите на содржини што го промовираат негирањето на климатските промени и нема да поставуваат реклами на вакви содржини или реклами што го прават тоа.
Промената ќе ги опфати издавачите, рекламерите и креаторите на содржини на Јутјуб и тие повеќе нема да може да печалат пари од содржини што „се спротивставуваат на добро втемелениот научен консензус за постоењето и причините за климатските промени“. Новата политика ќе стапи на сила од идниот месец.
Се планира новите мерки да се спроведуваат преку користење на комбинација од алгоритми и човечко модерирање. Иако има оставено простор за интерпретирање на новите правила, според Гугл тие вклучуваат „содржини што ги посочуваат климатските промени како измама, тврдења што негираат дека долгорочните трендови покажуваат дека глобалната клима се затоплува, како и негирањата дека испуштањето стакленички гасови или човечката активност придонесуваат за климатските промени.
Во објаснувањето од Google Ads се вели дека новата политика е и по барање на огласувачите, коишто „едноставно не сакаат нивните реклами да се појавуваат крај такви содржини“, како и дека „создавачите на содржини и издавачите не сакаат реклами што поттикнуваат негирање на климатските промени во нивните видеа“.
Според соопштението, со новата политика ќе се внимава да се разграничи меѓу дезинформации и дискусија или известување за такви дезинформации.