„Гугл Хром“ ги исфрла колачињата, новите ажурирања ќе ги променат правилата на интернет

Гугл Хром
фото: deepanker70 на Pixabay

Најраспространетиот интернет прелистувач „Гугл Хром“ (Google Chrome) планира да ги исфрли колачињата од трети страни од својот пребарувач. Се очекува новите ажурирања кои доаѓаат во 2022 година суштински да ги променат правилата на рекламирањето преку интернет, но и да го отежнат следењето на веб активноста на милијарди корисници во светот.

„Гугл“ не е прва компанија која од својот прелистувач ги отстранува колачињата од трети страни. Пребарувачот на „Епл“, Сафари, го ограничи следењето на колачињата во 2017 година, додека „Мозила“ ги блокираше во 2019 година. Сепак, поради огромниот удел што „Хром“ го има на пазарот, се очекува овој чекор да предизвика последици за голем дел од интернет просторот.

На прв поглед се чини дека овие новости одат во полза на приватноста на луѓето, но критичарите велат дека промените ќе послужат само за заострување на контролата на „Гугл“ во рекламната индустрија и во интернет просторот.

„Тие ќе се ослободат од инфраструктурата што овозможува индивидуално следење и профилирање на интернет. Тоа ќе го заменат со нешто што сѐ уште ќе овозможува таргетирано рекламирање, само тоа ќе го прават на поинаков начин“, изјавил Бенет Сиферс, технолог во „Фондацијата за електронски граници“ што се занимава со граѓанските слободи, а пренесе Wired.

Регулаторите и критичарите кои ги следат овие промени велат дека потегот ризикува да ги исклучи помалите компании за рекламирање и дека може да им наштети на веб страниците кои се потпираат на реклами за да заработат. Додека за повеќето луѓе и обичните корисници промената ќе биде речиси невидлива, зад кулисите, „Гугл“ планира да го стави својот пребарувач во контрола на целиот рекламен процес на интернет, што дополнително ќе ја зацврсти неговата моќ, пишува Wired. Тоа ќе го направи преку користење на машинско учење со вештачка интелигенција кое ќе ги групира луѓето што имаат исти или слични интереси, а потоа ќе им нуди реклами. Планот на „Гугл“ да ги исфрли колачињата од трети страни доаѓа од неговиот т.н. „Сендбокс за приватност“.

Што претставува  „Сендбоксот за приватност“ на пребарувачот на „Гугл“?

„Сендбоксот за приватност“ претставува збир од предлози за подобрување на рекламите на интернет, истовремено заштитувајќи ја приватноста на корисниците без да ѝ се наштети на рекламната индустрија. Целта на овој проект е да се „создаде просперитетен веб екосистем кој ги почитува корисниците и е безбеден и приватен“. Системот овозможува интернет пребарувачот (во случајов „Гугл Хром“) да дејствува во име на корисникот за да ги заштити неговите информации кои можат да го идентификуваат додека тој се движи низ веб страниците. Системот овозможува избор на соодветни реклами без да открива чувствствителни или лични информации за луѓето. Целта е корисниците да бидат заштитени и нивните податоци да не бидат собирани и споделувани од трети страни. Освен што ќе се ослободи од колачињата кои доаѓаат од трети страни, „Сендбоксот“ се занимава и со проблеми како што се рекламните измами и воведувањето нови начини за компаниите да ги мерат перформансите на своите реклами.

„Гугл“ веќе тестира дел од предлозите за приватност, додека другите сѐ уште се во фаза на развој.

Но, овој „Сендбокс“ го привлече вниманието и предизвика поголема контрола од регулаторите. Претходно во јануари, Органот за конкуренција и пазари на Обединетото Кралство откри дека заедно со регулаторите на заштитата на лични податоци го истражува „Сендбоксот за приватност“ на „Хром“.

„Блокирањето на колачињата од трети страни на ‘Хром’,  може да му даде поголема контрола на ‘Гугл’ врз целиот екосистем“, стои во нивниот извештај каде додаваат дека „веројатно, позицијата на ‘Гугл’ во центарот на рекламниот екосистем ќе остане иста“.

Во извештајот се наведува и дека некои веб страници, како што се оние за вести кои се потпираат на рекламирање, краткорочно можат да се соочат со намалување на приходите и до 70 отсто.

Од „Гугл“ соопштија дека соработуваат во истрагата и дека отфрлањето на колачињата од трети страни ќе има влијание и врз самата компанија.

„Ние користиме колачиња од трети страни за реклами што ги нудиме на веб страниците, па нашите производи за рекламирање ќе бидат исто погодени како и другите технологии за рекламирање“, соопштија од „Гугл“.

Гугл
фото:
Christian Wiediger на Unsplash

Што се „колачиња“?

Колачињата од „трети страни“ се поставени на веб страницата од некој друг кој не е нејзин сопственик, односно се поставени од трета страна. Секој што го користи прелистувачот на „Гугл“, кога ќе посети одредена веб страна, истата додава колачиња во уредот на корисникот – компјутер, лаптоп, телефон или таблет. Тие колачиња, кои всушност претставуваат мали парчиња кодови, собираат податоци за корисникот на интернет. Колачињата можат да ја следат историјата на пребарување на корисникот и врз основа на тоа да му прикажуваат соодветни реклами. Нарушувањето на приватноста во овој случај доаѓа поради тоа што колачињата од трети страни, сите податоци што ги собираат ги испраќаат до друг домен, различен од оној на кој во тој момент се наоѓа корисникот. Колачињата од „прва страна“, за споредба, податоците ги испраќаат само до сопствениците на доменот што се посетува во тој момент. Сите податоци собрани преку колачињата од трети страни се користат за градење профил на корисници, што може да ги вклучува интересите на корисниците, работите што тие ги купуваат и нивното однесувањето на интернет.

И двата типа на колачиња се користат за чување на податоци за корисниците, но разликата помеѓу нив е кој сѐ може да ги користи тие податоци.

Вештачката интелигенција на „Хром“

Насочувањето на рекламите кон општите интереси на луѓето „Гугл“ планира да го направи со користење на вештачка интелигенција наречена „Federated Learning of Cohorts“ (FLoC). Системот за машинско учење, меѓу другото, ја презема веб историјата на корисникот и истиот го става во одредена група базирана на неговите интереси. Огласувачите тогаш ќе можат да објавуваат реклами пред корисниците базирани на групата во која тие се наоѓаат. На пример, доколку вештачката интелигенција на „Гугл“ открие дека некој корисник е љубител на часовници, тогаш истиот тој корисник ќе биде ставен во група со луѓе кои го споделуваат неговиот интерес за часовниците.

Во суштина, историјата на прелистување на еден корисник е слична со историјата на прелистување на илјадници други корисници. Така, вештачката интелигенција претпоставува дека тоа што го пребарува еден корисник на интернет најверојатно би ги интересирало и другите корисници во истата група.

Најавените ажурирања предизвикаа загриженост и за тоа дали новиот систем на “Гугл Хром“ ќе ги групира луѓето според чувствителни атрибути како што се раса, сексуална ориентација или одредена попреченост, но од „Гугл“ соопштија дека е против нивните политики за рекламирање да нудат персонализирани реклами базирани на чувствителни категории и дека ваквите групи кои ги откриваат расата и сексуалната ориентација на луѓето ќе бидат блокирани.

За разлика од колачињата од трети страни кои се споделуваат насекаде, сите податоци што ќе бидат искористени за да се утврди во која група ќе припадне одреден корисник, ќе бидат обработувани исклучиво во „Хром“.

Веројатно е дека отстранувањето на „колачињата од трети страни“ ќе ги натера огласувачите да почнат да собираат свои сопствени податоци „од прва страна“ или пак да се потпрат на технолошките гиганти „Гугл“ и „Фејсбук“ кои ќе ги собираат ваквите податоци за огласувачите.

Критичарите се децидни дека ставањето крај на колачињата од трети страни дополнително ќе ја зацврстат позицијата на „Гугл“ и „Фејсбук“, кои веќе доминираат во собирањето податоци „од прва страна“ на интернет. Оваа промена најверојатно ќе значи повеќе пари за рекламирање потрошени на платформи како Фејсбук, Јутјуб и ТикТок.