По пауза од еден и пол месец, утре и задутре на обвинителна клупа, еден по друг, повторно треба да седнат лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, во случаите што се водат против нив во Кривичниот суд во Скопје.
Рочиштата против Груевски и Заев доаѓаат една недела по хаосот и насилствата во Собранието на Република Македонија. Еден од случаите, односно оној за кој е обвинет лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со уште 13 лица, се однесува на слично вакво насилство (не толку крваво) – тоа пред Општина Центар од 2013 година.
Од Кривичниот суд денеска не можеа да кажат дали утре и задутре ќе се одржат рочиштата или, пак, ќе бидат одложени. Оттаму не можеа да кажат ниту дали некоја од странките барала одложување на рочиштата.
На официјалната интернет-страница на Основниот суд Скопје 1, односно новиот „Судски портал“, во календарот на рочиштата против Груевски и Заев стои дека рочиштата се закажани:
– На 3 мај, во 10 часот, во судница 1 треба се одржи рочиштето за случајот „Шамари“ против Никола Груевски и уште 13 обвинети за насилствата пред Општина Центар. Судијка во случајот е Татјана Михајлова. Претходното рочиште, кое се одложи, беше на 10 март, но во судницата не се појавија ниту Груевски, ниту другите обвинети. Објаснувањето на адвокатот на Груевски, Никола Додевски, беше дека неговите клиенти не се појавиле бидејќи има решение со кое Советот на јавни обвинители бара промена на обвинителот во случајот, односно на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи;
– На 4 мај, во 10 часот, во судница 1 е закажано рочиштето против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за случајот „Поткуп“, а судијка е Дијана Груевска-Илиевска. Претходното рочиште се одржа на 3 април, на кое судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати барањето на одбраната на Заев, Обвинителството за организиран криминал и корупција да им достави копии од доказите во случајот;
– На 5 мај, закажано е рочиште за случајот „Тврдина 2“ против поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Претходното рочиште беше одложено бидејќи судијката Лидија Петровска, позната како „сваровски-судијката“, беше на боледување. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, тогаш изјави дека успеале да добијат решенија за декласификација на голем дел од доказите, како што бара Петровска.
Ниту за еден од овие три случаи досега не е почнат официјален судски процес, а досегашните рочишта редовно се одложуваат.