fbpx

Груевски: Сорос нека седне со Катица Јанева за да види со кого си имаме работа

-

„ВМРO-ДПМНЕ ќе го надживее и Сорос и неговите надворешни и внатрешни слуги и платеници“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во четвртото продолжение од неговото „мегаинтервју“ за интернет-изданието на неделникот „Република“.

Груевски вели дека како партија, долг период биле нем набљудувач на обвинувањата на некои албански политичари кои својата неспособност и неисполнетите ветувања пред албанскиот електорат секогаш ги фрлале на контото на ВМРО-ДПМНЕ, како поголем партнер во владата.

– Ова не го претпоставувам, туку го знам. Некои албански политичари и ми го признале неформално. И сето тоа, не само што беше неточно туку и никој не го демантираше – вели Груевски, кој додава дека за ова прашање повел некои иницијативи во партијата пред година-две, но тие не наишле на поддршка, а тоа придонело да продолжи да се креира лажна и црна слика меѓу Албанците за ВМРО-ДПМНЕ.

Тој, во интервјуто, исто така зборува и за специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и за, како што вели, „платеничката машинерија што Сорос ја впрегнал да работи против ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, која му сервира искривени извештаи за состојбите, кои одат во корист на СДСМ“.

– Знае ли Сорос дека во Македонија 25 години ја поддржува поранешната комунистичка партија, која само го смени името и ништо повеќе. Партија чии перјаници во комунизмот биле соработници и поткажувачи на тајните служби и заради нив илјадници луѓе лежеле по затвори, бидејќи изразиле различно политичко мислење од она на официјалниот режим, а меѓу нив бил и неговиот долгогодишен човек од доверба тука, во Македонија, Владимир Милчин… Свесен ли е Сорос дека под својата чадор-организација ги ангажира сите активни поранешни агенти на УДБА од комунизмот и со нив сака да ни всадува демократија. Луѓе кои живееле и напредувале во кариерите од политичко кодошење, денес ги има впрегнато во неговата платеничка машинерија да работат против ВМРО-ДПМЕ и против Македонија – вели Груевски.

Тој, во интервјуто, прашува дали Сорос „некогаш седнал со специјалната обвинителка да поразговара и да види со кого си имаме работа“.

– Да му раскаже специјалната обвинителка како бараше цел месец да нема рочишта на суд оти ќе правела свадба на ќерката и да ја види нејзината членска книшка од СДСМ потпишана лично од Бранко Црвенковски, како и нејзините трансакциски уплати на партиска членарина преку банкарски налог, па ако сака, и графолог од Америка нека донесе за да ги спореди потписот на Црвенковски во нејзината членска книшка со кој било друг негов официјален потпис, да ја види како бега од медиумите кои не се под контрола на СДСМ, односно негова контрола, да го види и нејзиното легендарно интервју на МРТВ кога шестпати ја враќаа за да каже една проста реченица, да види како поднела обвинение против мене за наводна шлаканица која никогаш никому не му била удрена и како одиме на судења без еден елементарен доказ, чијашто цел е наша компромитација со влегувањето и излегувањето од судот, да ја чуе како вреска по судовите како недоделкана, сакајќи зад повишениот тон да го затскрие своето незнаење и неспособност во спроведувањето на политички и партиски мотивираните процеси… – вели Груевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...