fbpx

Груевски со владина делегација на бизнис-форум во Ријад

-

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера заедно со владината делегација, во чиј состав се и потпретседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Ставревски, министерот за надворешни работи, Никола Поповски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, Висар Фида, и заменик-министерот за економија, Христијан Делев, присуствуваа на бизнис-форумот што се одржа во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, на кој беа презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија.

Бизнис-форумот се одржа во соработка со Индустриската комора на Ријад, која ги здружува најголемите корпорации од Саудиска Арабија.

Премиерот Груевски истакна дека Владата е реформски ориентирана и особено пријателски насочена кон развој на бизнисот и на инвестициските активности, континуирано спроведувајќи реформи за унапредување на бизнис-климата. „Светската банка ја следи бизнис-климата во сите држави во светот и еднаш годишно го објавуваат извештајот „Дуинг бизнис“, со кој се прави рангирање на државите според тоа колку е добра бизнис-климата. Македонија е на 30. место во светот според добрата бизнис-клима. Подобро рангирана е од 16 земји-членки на Европска Унија, подобро рангирана е од сите држави во Источна Европа и подобро е рангирана од земјите од нашиот регион на Југоисточна Европа“, изјави Груевски.

Во поглед на даноците, Македонија спаѓа во земјите што имаат најниски трошоци за почнување бизнис. Премиерот Груевски истакна дека воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персоналниот данок и данокот на добивка се 10 проценти, компаниите што го реинвестираат профитот се ослободени од данок, а истовремено намален е данкот на додадена вредност за повеќе сектори од 18 на 5 проценти.

Премиерот Груевски посочи и дека се вложува и во образовниот систем. „Англискиот јазик се учи од прво одделение, а втор светски јазик се изучува од шесто одделение. Воведовме задолжително и бесплатно средно образование. Отворивме нови државни универзитети и дисперзирани студии во повеќе градови, а школарината е 200 евра. Се преведоа учебници од кои се учи на првите 10 универзитети во светот. Отворивме лаборатории за универзитетите кои ги користи и бизнисот. Секој ученик доби компјутер“, изјави премиерот Груевски.

Тој ги истакна и поволностите што се нудат во технолошките индустриски развојни зони. Премиерот посочи дека секој што ќе инвестира во зоните во првите 10 години не плаќа ниту данок на добивка, ниту персонален данок. За увезените суровини, машини и за опрема не се плаќа ниту царина, ниту ДДВ. Земјиштето се дава на закуп по поволна цена, а зоните ја имаат целата потребна инфраструктура.

Потпретседателот на Владата, Зоран Ставрески, посочи дека за позитивното искуство од добрата бизнис-клима може да посведочат големите компании што веќе се присутни на македонскиот пазар и кои веќе работат и инвестираат. Во Македонија се присутни компании од Англија, САД, Белгија, Германија, Русија. Тие, според зборовите на Ставрески, се задоволни од третманот и од односот на владините институции, што се вклопува во целиот амбиент на добра бизнис-клима.

Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Висар Фида, ги истакна предностите што ги даваат на потенцијалните инвеститори договорите за слободна трговија кои Македонија ги има склучено. Тој посочи дека Македонија има договор за слободна трговија со сите земји во Европа (без Русија) и на тој начин се надминува хендикепот на мал пазар зашто постои можност за отворен пазар од 650 милиони потрошувачи.

Менсур Шафи ал-Ајми од Индустриската комора на Ријад, Саудиска Арабија, изјави дека кога се работи за бизнис-климата и за можностите за соработка како индустриска комора, постои интерес за зајакнување на партнерството и на бизнис-врските помеѓу Саудиска Арабија и Република Македонија.

„Трговијата е најсилниот линк на поврзување на две држави кои сакаат да ги зајакнат односите. Постоењето на слободни економски зони, даночни поволности и останатите можности кои се нудат, ќе придонесат за зајакнување на трговијата и на размената помеѓу Кралството Саудиска Арабија и Република Македонија“, изјави Менсур Шафи ал-Ајми.

Владината делегација во текот на утрешниот ден ќе одржи бизнис-форум во градот Џеда, кој е втор по големина во Саудиска Арабија и најголем пристанишен град во тој регион.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...