Груевски пак се заборави и иако е само партиски лидер, најави владини активности

Поранешниот претседател на Владата, а сега само лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по куса пауза повторно почна да говори како „де факто“ премиер.

Последен пример за тоа е т.н. „промоција на мерките од областа на спортот“, која ја направи како да ја води владата или, во најмала рака, Агенцијата за млади и спорт.

„Ние си зацртавме наша наредна голема активност да биде преку различни активности и мерки, давање поддршката и ветер во грб на спортистите и на спортските федерации, што, веруваме, ќе донесе поголем успех“, рече Груевски, притоа не појаснувајќи кои се тоа „ние“.

„Се одлучивме за неколку системски решенија“, вели Груевски и пак не кажува дали мисли на партијата или на владата.

Тој дури и најавува систем на мерки за кои се потребни нови даноци, ослободување од даноци, буџетско финансирање – сите активности на влада, а не на политичка партија.

Првата мерка предвидува приредувачите на игри на среќа во обложувалниците на месечна основа да одвојуваат 3 проценти од добивката, а приредувачите на игри на среќа во автомат-клуб да одвојуваат 1,5 отсто од добивката за финансирање на спортски федерации чии дисциплини се олимписки, како и за Македонскиот олимписки комитет.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе им земе на обложувалниците дел од добивката или тоа ќе го стори извршната власт?

Со втората мерка се предвидува компаниите што ќе финансираат спортски клубови, федерации и спортисти да бидат ослободени од дел од данокот на добивка.

Како тоа партијата ослободува од данок?

Третата мерка предвидува директно буџетско финансирање на спортови кои немаат своја лига. За оваа цел ќе бидат одвојувани до 700.000 евра годишно. Првиот спорт што ќе биде поддржан е боксот, а се размислува каратето за мажи и за жени да биде вториот спорт што ќе биде поддржан.

Груевски не кажа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе одвои 700.00 евра или владата ќе го стори тоа?

Со последната мерка се очекува да бидат ангажирани врвни спортски тренери од странство во спортските академии кои ќе помогнат во градењето на новите фудбалери, кошаркари, ракометари, тенисери.

Како ВМРО-ДПМНЕ ќе ангажира странци во спортот?

Една од главните забелешки во извештајот на Прибе беше дека партијата на власт сè уште не е одвоена од државата, односно државата не е одвоена од партијата.

Тоа одвојување е и обврска што произлегува од Договорот од Пржино како клучен услов за излез од политичката криза.

Ваквата реторика на Груевски доведува во прашање дел од договорот, кој предвидува преземемање конкретни чекори со кои ќе се обезбеди одвоеност на партијата од државата, како и спречување на злоупотреба на државните институции и ресурси за партиски цели.