На 15 октомври гласањето нема да биде само гласање за градоначалници и за советници, ќе биде порака од народот за овие четири и пол месеци владеење и злоупотреби, ќе биде порака и за секојдневните политички хајки и прогони, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на партискиот митинг во општина Центар.

– На овие избори претходеа едни други избори во декември, на овие избори претходеше едно дивјачко, незаконско, неделовничко, неуставно, со кршење на сите процедури и потценување на волјата на народот и граѓаните, назначување на претседател на Собранието, а по него и Влада. На овие избори и центарци и скопјани ќе можат да го кажат своето мислење за тој чин – рече Груевски.

Тој истакна дека проблемот е во начинот на владеење и во потценувањето на интелигенцијата на народот и порача дека на овие избори граѓаните ќе можат да се изјаснат и за секојдневните демонстрации на сила и на насилство од страна на, како што рече, новодонесената и новозалепената власт.

Груевски се осврна и на Договорот за добрососедство со Бугарија, порачувајќи дека власта на 15 октомври ќе добие одговор и за ова прашање и за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ е виновно што не е решен спорот со Грција.

– Отидоа со Бугарите, прифатија сè за една минута, без никакви преговори. Прифатија дека Илинденското востание не било македонско, било бугарско. 11 Октомври – првата пушка против фашизмот – не било востание, било идеолошка борба помеѓу двете спротивставени страни на Бугарите во Македонија. Ќе им каже сега македонскиот народ на 15 октомври чие е Илинденското востание и што е 11 Октомври. На 15 октомври ќе добијат одговор и за тоа дали ние сме биле виновни што не сме прифатиле промена на името на државата, името на нацијата, на јазикот – рече Груевски, кој посочи и дека Владата секој ден го споменува зборот „реформи“ по најмалку 20 пати, а ниту една реформа не е направена.

На митингот во општина Центар зборуваше и актуелниот и кандидат за иден градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, кој рече дека граѓаните на локалните избори гласаат за личност во која имаат доверба и не ризикуваат со кандидати кои водат политика.

Претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во општина Кисела Вода.