Кога Абдилаќим Адеми и Спиро Ристоски биле во Битола, Тетово, Штип и на Штуловиот универзитет, направиле неколку јавни расправи, добиле добри информации што ги вградиле во законот за високо образование, рече премиерот Никола Груевски во неговото гостување во вестите на „Канал 5“. Тој додаде дека на последната владина седница било договорено 20 отсто од испитите да не мора да имаат 60 отсто одговорени прашања, туку да може и со половина од тоа.
– Исто така овозможивме три до четири други олеснувања што ги немаше во првата верзија и во оваа јавна расправа која продолжува во парламентот, бидејќи законот сè уште не е усвоен, а и секоја дебата на телевизија е еден вид јавна расправа, а не само собирањето на округла маса во некој универзитет, така што сè што ќе чуеме корисно што ќе помогне сè до оној степен додека не се доведе во прашање знаењето. Само тука не би требало да има компромис, а за сè друго може да се разговара – посочи премиерот.
Државниот испит, нагласи Груевски, ќе овозможи поквалитетен високообразовен кадар, а за студентите што учат смета дека нема да имаат проблеми со полагањето.
– Не би сакал еден ден да се изгради зграда која ќе падне затоа што ја изградил градежен инженер кој си ја купил дипломата – рече Груевски.