fbpx

Груевски од Конгресот во Куманово: Не сме безгрешни, но покажавме најмногу

-

„Не дека сме безгрешни, имавме и грешки и пропусти, но покажавме најмногу од сите политички гарнитури досега“, истакна актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето обраќање пред делегатите на 15. Конгрес на партијата, кој денеска и утре се одржува во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

– И јас сум човек кој работи и греши. И затоа никогаш, моите соработници тоа добро го знаат, никогаш не сум обесхрабрил на состаноците нечија добронамерна дискусија. Колкупати по ислушана добра аргументација, сум се откажувал од моите ставови и сум прифаќал нечии поквалитетни. Да не почнеме да си збориме сами за себе дека господ нè црпнал од некаде оти сме нешто особено, бидејки тоа се првите сериозни симптоми на одлепеност од реалноста. Заради тоа, повремено се потребни и освежувања на функционерските места, со можност дел од сменетите повторно во иднина да добијат некоја значајна одговорност, доколку ја заслужуваат – рече Груевски.

Според Груевски, карактеристично за ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот четиригодишен период, од кога последен пат го доби мандатот за лидер, е што партијата успеала да се задржи на земја, меѓу народот.

Тој истакна дека еден од главните приоритети во наредниот период ќе биде развојот на економијата, а како предизвик ја истакна „блокадата на заслуженото место во ЕУ и во НАТО“.

– ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот за промена на уставното име, нема да прифати идеи и предлози што ќе го нарушат македонскиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик. Ова не е прашање за дневна политика и не е прашање лесно за решавање. Ако беше, СДСМ ќе го решеше. Затоа, ако не можат да помогнат, барем нека не одмагаат. Заев толку верува дека со телевизиски настап во Грција може да го реши прашањето – рече Груевски.

Тој се осврна и на настаните од 24 декември, кои, како што рече, биле сериозен предизвик бидејќи Зоран Заев и Бранко Црвенковски имале обид за насилно преземање на власта и ја обвини опозцијата дека не извлекла поуки од поразите и дека продолжува со грешките.

– Ги води личниот гнев и тоа народот го препознава и ќе продолжат да губат бидејќи не извлекуваат поуки од поразите, туку ги повторуваат грешките. Се сврзаа со соросовите институции на Милчин заради нивните пари и станаа негови заложници. Гледајќи да ни направат некое зло, пропуштија да препознаат некои наши грешки и да поентираат на вистински начин. Едно зборуваат пред народот, а друго прават каде владеат на локално ниво – рече Груевски.

Тој истакна дека став на партијата е да има истрага и за наводите од „бомбите“ што ги објавува опозицијата.

– Ние сакаме да има истрага, ако во таа истрага се покаже дека некој од нас нешто погрешил, нека одговара во таа истрага. Ние ќе постапуваме европски, иако баш ваков случај нема во Европа каде што шефот на опозицијата со месеци пушта нелегални материјали, а голем број медиуми ги објавуваа – рече Груевски.

Според Груевски, изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ изминативе девет години и поддршката од мнозинството граѓани се резултат на нивното работење, држењето до дадениот збор, посветеноста, одговорноста, чесниот пристап и илјадниците проекти.

Пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на Конгресот се обратија претседателот на Социјалистичката партија, Љубисав Иванов – Ѕинго, а поздравно обраќање до присутните имаше и министерот за образовние и наука од редовите на Демократската унија за интерграција (ДУИ), Абдилаќим Адеми.

Тој, во името на коалицискиот партнер, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имале квалитетна соработка, додавајќи дека тоа не значи дека немаат отворени прашања, но со квалитетна дебата, најчесто успеваат да најдат заеднички јазик.

На Конгресот, кој се одржува под мотото „Силна Македонија – стабилност, работни места, доверба и перспектива“, присутните делегати треба да изберат претседател на партијата, односно да изгласаат нов четиригодишен мандат на актуелниот лидер Никола Груевски, кој е единствениот кандидат за највисоката партиска функција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Настани во повеќе онлајн игри со различни награди

Оваа пролет има многу настани на различни игри попознати под името „Event“-и, на кои има различни награди и забрзано левелирање на повеќе игри - настани кои се во тек...