Премиерот Никола Груевски не се плаши од специјалниот јавен обвинител. Тој денеска при посетата на Клиничкиот центар рече дека нема зошто да се плаши од специјалниот обвинител, објави „МКД.мк“
– Се разбира, не се плашам, нема зошто да се плашам – одговори Груевски на новинарско прашање.
На прашањето чиј бил предлогот Катица Јанева да биде избрана за специјален јавен обвинител, Груевски рече дека двете страни во преговорите го поддржале нејзиниот избор.
– Нема криминал на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на тврдењата на Слободан Богоевски – одговори Гревски на прашањето како ги коментира неговите наводи пред судот во Њујорк, во кои се посочува на мито поврзано со поранешна министерка за внатрешни работи и со поранешен директор на ДБК.
– Читав во медиумите за сето она што беше коментирано. Но, да потсетам, ВМРО-ДПМНЕ, додека беше во опозиција, постојано апелираше дека треба да се либерализира телекомуникацискиот сектор. Тоа не се правеше од страна на СДСМ кој беше на власт и кој имаше мнозинството во парламентот. Ние, како ВМРО-ДПМНЕ, уште пред изборите во 2006 година, дадовме јавно ветување дека ако дојдеме на власт, во првите 60 дена ќе биде објавен јавен повик за трет мобилен оператор. Повикот беше објавен и беше избран трет мобилен оператор, а цените на услугите се намалија. Тогаш, сè е јасно – одговори Груевски.