Петнаесетти октомври е денот кога ќе се одлучи нашите градови да добијат помодерен изглед, нашите луѓе да бидат побезбедни, 15 октомври е името на новата ера, новата љубов, новата возбуда и победа, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот, завршен митинг на опозициската партија пред Владата.
Груевски порача дека зад ВМРО-ДПМНЕ стојат дела и дека тие дела ќе бидат „гласот“ на локалните избори в недела.
– Денес сме горди на тоа што си стоиме на нашите ветувања затоа што ВМРО направи револуција во оваа земја, но не беше тоа револуција на демолирање и на палење, деструкција и уништување. Направивме револуција со градење нови патишта, направивме револуција поради многубројните проекти, отварање нови болници, училишта, фабрики, нови инвестиции и работни места за граѓаните на Македонија. Она што е важно е дека граѓаните ја гледаат реалноста и видливиот развој на секое поле. Нам тоа ни е единствено важно. А тоа е гласот на народот на Република Македонија – рече Груевски на завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија.
Тој пред граѓаните на булеварот пред владината зграда остро ја нападна коалицијата на СДСМ.
– Јасно е дека денот по утрото се познава и дека од овие луѓе ништо добро не може да се очекува за државата и за граѓаните. Тие немаат проекти како нашите, тие немаат визија, соништа и капацитет за да го реализираат сето тоа. Не само што се неспособни за да ги остварат ветувањата што ги даваат, туку и со нивната неспособност ги прават работите уште полоши. Тие не знаат како да ги водат економијата и општините. Единствено нешто што го знаат е како да оцрнуваат и да лажат. Тие нудат празни зборови, ние нудиме работа. Тие уништуваат, ние градиме. Затоа што ние сме ВМРО. Ние создаваме, ние успеваме, ние го исполнуваме она што ви го зборуваме и ветуваме. Коалицијата за подобра Македонија работи, гради, решава проблеми и унапредува – рече Груевски.