fbpx

Груевски, мајсторот за упади

-

Кога ќе се спомене ненадејното појавување на премиерот Никола Груевски на прес-конференција, веднаш се помислува на неговата смислена тактика на „упади“. Тоа уште еднаш го покажа со последниот негов настап, во Владата на Република Македонија.

Овој „упад“ се случи веднаш по објавувањето на четвртата „бомба“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, така што само еден час подоцна, Груевски, ненајавено и ненадејно, ги свика новинарите и детално го образложуваше обвинителниот акт и си одговараше на „најчесто поставуваните прашања“, или на англиски „Frequently asked questions“ (FAQ), кои се карактеристични за интернет-промоција на нови производи.

Претходно, а веднаш по кривичната пријава за првиот опозиционер, Груевски на речиси идентичен начин се појави пред новинарите и објави дека државата ни е нападната.

Не така одамна, премиерот Никола Груевски уште еднаш ненајавено изврши „упад“, овојпат на „Студентски пленум“. Ненадејно ги покани на средба, а студентите, начекани во заседа, мораа да ја прифатат средбата. И како што веќе пишуваше „Мета“, секој што влегол во кабинетот на Груевски излегол со некаков договор. Сепак, ова не е нова тактика на премиерот, иако се чини дека секогаш му успева. Уште пред години, оваа стратегија најде свое моесто во политичката борба во државата.

Упадот на премиерот на протестот на професорите пред хотелот „Алксандар палас“, исто така, беше еден од најкоментираните настани. Предизвика бура од реакции – од пофалби до критики. Но, сите се согласија во едно: тактиката на „упади“ на министри и лично на премиерот е испробана и, барем досега, дава резултати. И едно е константно: по таквите неочекувани појавувања, тензиите спласнуваат и се релативизира причината на протестот или на настанот.

Груевски, сепак, не може да си го патентира изумот наречен „упад“. Тој примат со право го носи сегашниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој првпат го испроба овој метод на протестот на универзитетските професори, на 27 јануари 2011 година, пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ во универзитетскиот кампус.

Професорите и тогаш протестираа против измените на Законот за високо образование. Сепак, една работа кај јавноста избледе. Истата постапка, за која ја обвинуваа професорката Билјана Ванковска, дека благонаклоно реагирала на појавата на премиерот, тогаш ја направи и професорката Гордана Силјановска. Таа беше единствена од професорите што јавно кажа дека треба да се видат добрите и лошите страни на предлогот.

– Не може професорите да ја завршат кариерата со еден или ниту еден објавен труд, со некомпетитивност, значи ние мораме да се соочиме и со самите себе. Доаѓањето на министерот овде е извонреден потег, не знаев дека министерот е професионалец во боречки вештини, но, еве, можеби тоа е дел од борењето, јас ова го сметам за одличен потег и, еве, ако сакате, рака за дијалог – рече тогаш Силјановска.

По овој потег на Тодоров, премиерот Груевски се охрабри, па реши да оди по стапките на својот министер. Првиот тест беше ненајденото појавуње пред камерите во отвореното студио на сега згаснатата „А1-телевизија“, кое беше импровизирано пред Владата на Република Македонија. Тогаш, само 20 минути пред почетокот на вечерниот дневник, од неговиот кабинет самоиницијативно го најавија премиерот за гостин. И тогаш, како и во последниот случај со Ванковска, збунетите уредници на телевизијата ја испуштија шансата да поентираат.

Последниот пример со упад на премиерот покажа дека тој работи во согласност со добрите практики. И сега, како кај и претходните појавувања, имаше по некој збунет, нервозен, реакции по социјалните мрежи, но едно е заедничко – упадите завршија со поен плус за „ненајавените“ и со пресврт во дотогашниот тек на настани.

В.Ѓ.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...