Премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, по повод претстојните новогодишни празници им поделија пакетчиња на децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.
Со детски претстави, кои самите ги подготвиле, дечињата ја изразија својата благодарност за грижата што ја покажува државата кон нив.
Премиерот Груевски им ги честита претстојните празници и им посака многу здравје, среќа и успех во наредната година.
Министерот Спасов, пак, истакна дека за Владата и Министерството за труд и социјална политика грижата за децата без родители и без родителска грижа е и ќе остане врвен приоритет.
Владата, рече тој, продолжува со интензивна реализација на проекти кои се насочени кон поголема поддршка на овие деца, со кои судбината си поиграла и не по нивна вина останале без родители или родителска грижа. Преку МТСП на годишна основа се издвојуваат околу 94 милиони денари за реализација на овие проекти.
– За разлика од минатото, кога беа оставени на милост и на немилост, сега 137 деца остваруваат месечна парична помош од 24.000 денари за додипломски и постдипломски студии. Само што заврши третиот јавен повик за вработување во јавната и во државната администрација за 30 деца без родители и без родителска грижа – рече Спасов.
Тој додаде дека досега се ставени на располагање 134 станови за оваа категорија граѓани, се реализираат низа проекти како што се бесплатните курсеви за англиски јазик и за компјутери, како и за помош на згрижувачките семејства. Зголемена e и еднократната парична помош при напуштање на домот во висина од 180.000 денари.
– Од 3 јануари почнува и бесплатниот зимски одмор за оваа категорија дечиња, односно за оние кои се без родители и без родителска грижа и од социјално ранливи семејства – истакна министерот Спасов.