Премиерот Никола Груевски, во вчерашното интервју за порталот „Прес 24“, одговара и на прашањето за тоа како лично се чувствува.
„Прес 24“: Премиере, неколку месеци по „бомбите“, епилог Договорот од Пржино, мислење дека премногу попуштивте, стоите добро, но прво како се чувствувате лично?
Груевски: Ме фативте неспремен за ова прашање. Обично ретко кој прашува како се чувствувам, веројатно луѓето брзаат да го соопштат проблемот со кој се соочуваат, а сигурно ги имаат доста, и, разбирливо, ретко кој прашува како сум. Затоа ме затековте со прашањето. Прво, со здравјето сум одлично, и освен некоја настинка и синусите со кои се малтретирам повремено, генерално, фала му на Бога, добро сум. Моето семејство, исто така. И тоа е најважно кога еден човек го прашувате како е. Но, кога на еден политичар што помина низ еден вака бурен период му го поставувате ова прашање, секако може да следи и дообјаснување на сето она што го чувствува и низ што поминал. Поминав и јас лично, моите најблиски низ еден сериозен, доста бурен и навистина тежок период, во кој бевме под напад на една темпирана и однапред осмислена кампања за лична дискредитација, кампања која имаше цел да го урне Никола Груевски од позицијата премиер, да ги дестабилизира институциите на државата, да внесе немир, силна поделба, омраза, набој во македонското општество, особено во делот меѓу етничките Македонци. Сето тоа се прекршуваше и се прекршува на мој грб, но не само на мој, и на грбот на моите соработници и на моето семејство, кои се предмет на гнасна кампања, но и на грбот на народот, по улиците, во дуќанчињата, меѓу соседите, роднините, пријателите…