fbpx

Груевски доби седум години затвор за „Плацевите на Водно“, конфискуван му е целиот имот

-

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија и за случајот „Плацеви на Водно“ беше првообвинет за перење пари, противправно стекнување и прикривање на имот, денеска доби казна затвор од 7 години и парична казна од 3.500 евра.

Воедно, судот пресуди целокупниот имот на Груевски да биде конфискуван, освен двата стана што ги поседува неговата мајка. Пазарната вредност на конфискуваниот имот се проценува на три милиони евра, изјави обвинителката Лиле Стефанова.

Поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на една години и три месеци затвор за истиот случај поради помагање во перењето пари. На него во казната затвор му се пресметува и времето коешто го помина во притвор.

Бизнисменот Орце Камчев доби помала казна, односно осуден е на една година затвор, додека кумот на Груевски, Ристо Новачевски, доби на условна казна затвор од две години. И на Камчев му се пресметува во затворската казна времето поминато во притвор.

Меѓу обвинетите за случајот „Плацеви на Водно“ беше и Ненад Јосифовиќ кој исто така доби условна казна од две години, како мајката на Орце Камчев, Ратка Камчева која по изрекувањето на пресудите е ослободена од вина, со образложение дека за неа кривичното дело е застарено.

Судијата Илија Тркпков денеска за судењето кое траеше девет месеци рече дека бавната правда е половична правда.

„Оттаму со право граѓаните очекуваат квалитетно, ефикасно и брзо завршување на постапките, бидејќи тоа е единствениот начин да се постигне специјална и генерална превенција. Имаше обвинувања од одбраната дека предметот се суди со голема брзина, но тоа беше во интерес на обвинетите особено што дел од нив беа во притвор. Пред јавноста ќе презентираме Белизе шема која произлезе од доказите, а на која судот поклони верба“, нагласи судијата Трпков.

Тој додаде дека очекувал обвинетите барем да се извинат.

„Се докажа и виде како се земале парите на искрените поддржувачи на партијата и оние кои биле уценети да дадат пари за партијата. Затоа очекував признание и извинување од обвинетите“, рече судијата Трпков.

За случајот „Плацеви на Водно“ ОЈО тврдеше дека Никола Груевски прибавил 1,3 милиони евра, пари кои биле донација за партијата со која раководеше ВМРО-ДПМНЕ.  ОЈО исто така тврдеше дека Груевски купувал имот во Скопје и Крушево, а во неговите зделки биле вклучени оф-шор фирми меѓу кои  и „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на Ненад Јосифовиќ, преку која била отворена фирма-ќерка во Македонија „Сирах инженеринг“.

Според ОЈО, управител на оваа фирма бил Ристо Новачевски кој за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно. Во текот на судењето се откри дека тој земјиштето го „трампал” за три луксузни стана во комплексот „Панорама” на Водно, а му беа откриени уште два стана, уште едно земјиште на Водно и две парцели во Крушево.

„Македонските пари на Груевски прават прошетка до Белизе и преку Стопанска банка Битола се враќаат во Македонија. Потоа како пари на Камчев одат до Белизе и се враќаат во Орка Холдинг. По објавувањето на бомбите, за да се прикријат парите на Груевски, сестрата на Камчев ги купува уделите на фирмата Сирах на Груевски, во размена за три стана во комплексот Панорама Резиденс. Сите знаеле дека станува збор за нелегално стекнати пари”, рече Трпков.

Судијата во своето обраќање прочита и други бројни детали како обвинетите неколкукратно префрлувале удели, отварале и нови фирми со цел да го прикријат потеклото на нелегалните пари на Груевски, а во дел од нив се осврна и на имот на контроверзниот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Покрај тоа што одлучи да му го конфискува целиот имот на Груевски, судот го конфискува и имотот на еден од плацевите, кои „Лајв кеар“ на Ирина и Сергеј Самсоненко, го купиле, иако знаеле дека е стекнат со нелегални пари и е предмет на кривично дело.

Судијата Трпков рече дека се конфискуваат и плацевите на место Шербетница на Водно, како и сите станови.

Одбраната на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски претходно побараа дека судот треба да верува на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставки, лаги и невистини и нагласи дека нема докази против неговиот клиент.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...