На синоќешниот собир „Македонија силна“, премиерот Никола Груевски истакна дека иако досега немаше посериозни штети за економијата, психолошката состојба по терористичкиот напад, како и изјавите на Заев дека „ќе паѓало крв“, почнале да ѝ прават проблем на македонската економија, особено во делот на извозот.
– Се јави и вознемиреност кај странските инвеститори, исто како и кај домашните, но компаниите не треба да се плашат. Имаат пријателски настроена влада, која ги разбира и континуирано им помага и ќе продолжи да го прави тоа – подвлече Груевски.
И според гувернерот Димитар Богов, негативното влијание на политичката криза би се почувствувало во одложување на инвестиците, како на домашните, така и на странските компании, што ќе оневозможи нови работни места и пораст на платите.
– Вообичаено, инвеститорите се многу чувствителни на неизвесност. Ним им треба сигурност, стабилност, извесност – изјави Богов.
Според извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, Митко Алексов, бизнис-секторот почна да ги чувствува негативните ефекти од тоа што се случува во земјава.
– Нестабилноста директно влијае врз бизнис-секторот. Особено кај компаниите што планирале инвестиции и развој, можно е да дојде до преиспитување на претходно донесените одлуки. Евидентно е намалување во делот на личната потрошувачка. Постојат индикации во одредени сектори за откажување на нарачките и за преиспитување на обемот за следниот период – смета Алексов.
Дали кризата влијае врз економијата, ќе се знае во јуни или јули, кога ќе се добијат податоците за движењата во економијата во април и во мај.