Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во ново интервју, овојпат за утрешниот број на „Дневник“, вели дека ќе се обиде да формира влада, но не по секоја цена.

Во однос на мислењето дека се создава атмосфера албанските партии да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, Груевски вели дека одлуката е на самите партии и оти никој нема право да каже дека некој друг му сугерирал или му врши притисок затоа што на крајот финалната одлука е лична.

Во случај ДУИ да одлучи да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, туку со СДСМ, Груевски вели дека тоа ќе има последници во иднина.

– Ако ВМРО-ДПМНЕ, како победничка партија, биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без какви било обврска при составувањето на владата – вели Груевски.

Груевски, сепак, не одговара директно на прашањето дали заедничката платформа на ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците е прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на изјавата на Ахмети дека најважни му се интересите на Албанците и платформата, тој вели дека нему најважни му се интересите и на Македонците и на сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и Албанците. Сепак, додава дека „платформата која му ја составувале на Ахмети“, политички може да му помогне најмногу на СДСМ кај албанскиот електорат.