Пратеникот на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, на прес-конференција во Собранието порача дека Законот за јазиците денеска стапува на сила и дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се надмине себеси и да биде првиот фактор што ќе постави двојазична табла.
Тој рече дека институциите веднаш треба да се придружуваат до законските одредби и да ги применат. Нагласи дека, за разлика од претходното законско решение, новото предвидува формирање на Инспекторат што ќе ја контролира примената на Законот.
-Сите институции во земјава мора да го почитуваат Законот. Нелегитимниот претседател во заминување има уште два месеци во неговата канцеларија. Прочитајте ги законите, Уставот и Деловникот. Објавата на Законот за јазиците во „Службен весник“ е според законот. Да појаснам тој има законска обврска да го потпише само прогласот на законот, додека самиот закон се потпишува од претседателот на Собранието. Објавата на законот заедно со законот за ратификација на договор со Грција е целосно согласно законите. Сметаме дека Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да се надминат и да бидат први кои ќе напишат ВМРО-ДПМНЕ пред нивното седиште и на албански јазик – рече Груби.
Претседателот Иванов пак во писмена изјава денеска порача дека постапката да се објават двата закона е основа за кривично гонење.
„Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“, стои во обраќањето.
Шефот на државата вели дека сега на потег се Уставниот суд, Обвинителството и судот.